Агенцијата за пошти прави терен за либерализација на поштенскиот пазар

Среда, 27 Февруари 2019 15:12 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Преку твирнинг проект и со 600 илјади евра во наредните 18 месеци Европската унија ќе и помогне на Агенцијата за пошти да ги зајакне капацитетите согласно со националното законодавство и директивите на Унијата. Овој проект треба да помогне регулаторното тело за поштенскиот сообраќај да добие капацитет конечно да ја спроведе либерализацијата на поштенскиот пазар, која по четири одложувања сега е планирана за 1 јануари наредната година.

– Министерството за транспорт и врски почна со изработка на стратегија за пазарот на поштенски услуги со која ќе се постават нови насоки за негов развој. Стратегијата ќе биде во насока на заштита на слободната конкуренција на пазарот, унапредување на интересите на пазарот и корисниците на поштенските услуги. Во оваа насока, во следниот период посебно внимание ќе посветиме на подготовките за либерализација на пазарот која треба да почне идната година. Ова е особено важно за сите инволвирани во овој сектор, како приватните поштенски оператори, така и државнната пошта, со цел подготвени да излеземе на отворениот пазар, вели Зоран Маневски, државен секретар во Министерството за транспорт и врски.

Според директорката на Агенцијата, Билјана Аврамоска – Ѓоревска со зајакнат капацитет Агенцијата за пошти ќе може да го подобри и инспекцискиот надзор.

Според Фреек Јанмаат од делегацијата на ЕУ овој проект се случува во вистинско време за нашата земја, со оглед на скорешното почнување на преговори со Унијата, во кои една од темите ќе бидат и поштенските услуги. Либерализацијата е дел и од втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и подразбира македонски компании да можат да даваат услуги во ЕУи обратно.