Јавните набавки сѐ уште се контаминирани од корупцијата

Вторник, 26 Февруари 2019 15:08 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Како да се дојде до поголема транспарентност и подобра соработка со јавните институции, особено во процесот на јавните набавки, е прашањето што со години е исправено пред бизнисмените, кои постојано сигнализираат на корупцијата во јавните набавки и на потребата од подобрување на начинот на кој тие се спроведуваат. Поради овие забелешки минатата година беа направени одредени промени во Законот за јавни набавки, но сѐ уште остануваат одредени слабости, кои треба да се елиминираат заради поголема транспарентност. Една од нив, како што посочуваат упатените, е тоа што законот ја регулира постапката само до склучување на договорот за јавна набавка. Освен тоа, проблем, според нив, е и незадоволителното ниво на владеењето на правото.

– Како бизнис-заедница поддржуваме политички реформи со кои владеењето на правото и степенот на демократизација ќе се подигнат на повисоко ниво. Ако не го средиме правосудниот систем во државата, не можеме да се надеваме на економски развој. Што се однесува до економскиот модел, потребни се коренити реформи за отстранување на неколку пречки. Како клучни фактори ќе ги споменам решавањето на сивата економија и корупцијата, особено корупцијата во јавните набавки – кажа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Од Стопанска комора на Македонија истакнуваат дека во изминатиот период е постигнат голем напредок во смисла на донесување и унапредување на законска рамка за борба против корупцијата, како и зајакнување на институционалните и административни капацитети. Оттаму додаваат дека во контекст на подобрување на квалитетот на јавните набавки, но и заради спречување на корупцијата, потребно е обезбедување поголема конкурентност на економските оператори и спречување на можностите за фаворизирање определени економски оператори. Бизнис-секторот предложи, интегрирано со вклученост на сите засегнати страни, да се донесат подзаконски акти. Со нив треба да се пропише и да се изработи стандардна тендерска документација по одделни стопански сектори или дејности, што би опфатило пропишување технички спецификации на предметот на набавката, стандардизирани модели на договори за јавни набавки, методологија за примена на критериумот економски најповолна понуда, дефинирање на начинот за примена на критериумите квалитет, цена, трошоци на животен век, а при евалуацијата на понудите, воведување поткритериуми и слично.

– При дефинирањето на критериумите за утврдување способност за вршење професионална дејност, кои треба да ги исполнуваат економските оператори, договорните органи треба да ги усогласат барањата со прописите со кои се регулира обврската за поседување дозволи односно лиценци за вршењето определени дејности. Задолжително да бараат доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста пропишани во согласност со закон, кои се однесуваат на предметот на јавна набавка – појаснуваат од Стопанската комора на Македонија.

Оттаму додаваат дека со спроведување на претходната контрола од страна на Бирото за јавни набавки на огласите и на тендерската документација, која се воведува во новиот закон, се овозможува отстранување на повредите на законот уште пред почетокот на постапките за јавни набавки, се намалуваат можностите за неоправдано ограничување на конкуренцијата меѓу економските оператори, дискриминација на понудувачите, несразмерност на постапките со предметот на набавките и слично.

– Цениме дека воведената обврска на договорниот орган за задолжителното објавување на склучените договори на ЕСЈН е во насока на зголемување на транспарентноста во јавните набавки. Но она што останува како отворено прашање, е следењето на реализацијата на склучените договори, со оглед на тоа што законот не предвидува механизми или методи за контрола на реализацијата на обврските утврдени во склучените договори за јавни набавки, односно како што се посочува од компаниите, „законот завршува со склучувањето на договорот за јавна набавка, а треба да се прошири неговата примена и на следењето на реализацијата на договорите“ – објаснуваат од комората.

Од СКМ велат дека и во иднина во комуникација со Бирото за јавни набавки и со компаниите, активно ќе придонесуваат за конкретно решавање на проблемот со корупцијата во јавните набавки, било преку измена на постојните законски и подзаконски решенија, кои создаваат простор за тоа, или преку едукативни активности за правилна примена на законските одредби и отстранување определени недоречености и правни празнини, кои во голема мера можат да бидат причина за корупција во постапките за јавните набавки.

Во Македонија минатата година вредноста на склучените договори преку јавните набавки изнесувала 38,2 милијарди денари, што е 6,2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП). Во Европската Унија јавните набавки се еднакви на БДП на Франција, или приближно еднакви на светската продажба на автомобили.

– Одговорно работење, транспарентност и ефикасност во управувањето со јавните финансии се основните начела на кои се потпира нашето работење. Јавните набавки се една од клучните алатки во економските политики на една влада и највидливиот сигнал за доброто управување со јавните финансии – кажа министерот за финансии, Драган Тевдовски.