Влада, промени во законот за инспекциски надзор

Четврток, 21 Февруари 2019 13:26 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

За 30 проценти ќе се зголемат платите на инспекторите во наредните три години, а ќе се вработуваат и нови инспектори. Инспекторите прво ќе ги опоменуваат фирмите, а потоа ќе казнуваат. Инспекциите ќе се планираат врз основа на проценка на ризик. Ќе се воведе поголема заштита на инспекторите кои работат во поголем ризик.

Ова се дел од новините во Законот за инспекциски надзор кој што на последната седница доби зелено светло од Владата. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кажа дека инспекцискиот надзор ќе престане да биде механизам за полнење на буџетот.

„Предвидливоста на инспекцискиот надзор ќе се обезбеди преку листа на проверка. Секој субјект кој е предмет на инспекциски надзор пред посетата на инспекторите ќе добие листа на конкретни документи и информации кои ќе треба да ги обезбеди“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

Министерот кажа дека во моментов на ниво на државата има околу 1.000 инспектори, што е многу мала бројка, но не кажа колку недостасуваат. Инспекциските служби сами врз основа на потребите ќе вработуваат нови. Законот предвидува и нов систем за стекнување на лиценца за инспектор. Инаку, токму слабиот инспекциски надзор според бизнисмените е најголема причина за зголемување на сивата економија во земјава.