Царинските процедури достапни преку курсеви за електронско учење

Среда, 20 Февруари 2019 13:45 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Следејќи ги трендовите на Европска Унија за дигитализација на секој аспект од царинското работење, Царинската управа денес ги промовираше курсевите за електронско учење преведени и прилагодени на македонски јазик.

Програмата за електронско учење предвидува можност за унапредување на обуките на Царинската управа, различно од класичното учење, како и можност за значително зголемен број на слушатели на обуките. Нивната достапност и флексибилност, овозможуваат полесно разбирање на царинското законодавство и се дел од заложбите на Царинска управа за блиска соработка, како со економските оператори, така и со сите засегнати од царинските постапки.

За следење на овие електронските курсеви, потребен е само пристап до интернет и на едноставен начин преку веб страната на Царинската управа, секој заинтересиран може да се стекне со основно или напредно знаење за сите теми од царинското работење. Исто така, е-курсевите се од големо значење и за подобрување на институционалниот капацитет на Царинската управа, бидејќи сега секој царински службеник, преку трите модули на курсевите, може на лесен начин и во секое време прогресивно да напредува и да достигне експертско познавање за царинските процедури.

Сите курсеви може да ги посетите на следниот ЛИНК.