Цените на становите во Скопје во 2019-та ќе останат стабилни

Четврток, 14 Февруари 2019 14:33 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Цените на становите во Скопје, оваа година ќе останат стабилни, но,  доколку продолжи забавувањето на градежните активности се очекува пораст на цената на станбениот простор на среден рок.

Ова го истакна Влатко Богоевски, извршен директор на „Фортонмка", консултантска компанија за комерцијални недвижности, на денешната презентација на движењата на пазарот на недвижности за минатата година, како и очекувањата за тековната година.

Богоевски информираше дека на територијата на град Скопје, во текот на 2018 година се издадени 4.219 одобренија за градба на станбени единици, од кои најголем број 1.380 се издадени од општина Аеродром, по што следува општина Центар со издадени 1.072 одобренија за градба.

– Што се однесува до станбениот сегмент, просечната нето цена по метар квадратен во Скопје е највисока во општина Центар и изнесува 1.062 евра на метар квадратен, а потоа во општина Карпош, 1.022 евра на метар квадратен. Најбарани се станбените единици со помали квадратури, од 36 до 52, односно со квадратури од 53 и 67 метри квадратни, рече Богоевски.

Од компанијата, пазарот на канцелариски простор го сметаат за стабилен. Велат оти новите проекти, што се очекуваат во 2019 година ќе ја зголемат вкупната понуда на канцеларискиот простор за речиси девет отсто, односно за 24.000 метри квадратни, но, сметаат дека нема да има промена на висината на закупнините.

Најавија дека најголем проект во државата и „new generation mall" ќе биде Skopje east gate, со нето површина за изнајмување од 52.000 метри квадратни, што ќе биде изграден кон крајот на 2020 година, а ќе понуди модерен канцелариски простор.

Пазарот на индустриски простор е меѓу најбрзорастечките во индустријата. Најголем број од инвестициите во индустрискиот простор, како што велат од компанијата, се концентрирани во индустриските зони околу главниот град Скопје.