Припадници на СДСМ биле дискриминирани со години – Манчевски за бранот роднински вработувања ветува проверка

Понеделник, 11 Февруари 2019 15:11 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

По офанзивата со нови вработувања меѓу кои има и блиски роднини, деца и сестри на пратеници и функционери, министерот Дамјан Манчевски има свое толкување зошто сега сите се чудат кога некој од СДСМ ќе се вработи во државно.

Партнерскатата партија во власта, ДУИ го немаше тој проблем бидејќи со ВМРО-ДПМНЕ беа 8 години во коалиција. Но откако се со СДСМ – во ЕЛЕМ се вработија ќерката на спикерот Џафери, таму доби место и  сестрата на на министерот за култура од БЕСА, Асаф Адеми, сестрата на министерот Крешник Бектеши се скраси во МЕПСО, но за министерот нема проблем во нејзината победа на конкурсот.

Министерот Манчевски пак вели дека мора да се примат способните за да не си заминат од државата. Ветува дека секој поединечен случај ќе се испита дали е законско вработувањето или не. Ги повика сите кои се сомневаат во непотизам да пријават во новоформираната антикорупциска комисија. Тука новинарите го потсетија дека баџанакот на спикерот Џафери е избран за член на ДКСК, но оценката е дека изборот бил законски и чист.

Баџанак според министерката за правда не спаѓа во законски дефинираната категорија блиски лица во кои е посочено и сватовство до втор степен.

Откако ќе се распишат избори нема нови вработувања, но во последниот период имаше речиси во секоја институција или државна агенција.