Силјановска, Ѓорчев и Петровски влегуваат во претседателската трка

Петок, 01 Февруари 2019 14:13 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Силјановска, Ѓорчев и Петровски меѓу пријавените на повикот на ВМРО ДПМНЕ за претседателските кандидати, откриваат неофицијално извори од партијата.

Според истите информации, од вкупно осумтемина пријавени на повикот на професорката Силјановскa во партијата и даваат најголеми шанси да ја добие довербата на делегатите на Конвенцијата на која ќе се избира кандидатот зад кој што ќе застане партијата за претседателските избори.

Професорката денеска не одговори на нашите телефонски повици за да потврди дека испратила апликација.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски вели дека покрај овие апликации можно е да пристигнат и други испратени преку пошта. Во следните денови Комисијата ќе ги разгледува апликациите дали ги исполнуваат условите, по што во вторник ќе излезат со детални информации за пристигнатите апликации. Секој од кандидати ќе добие можност за промоција пред членството во пресрет на Конвенцијата.

Во СДСМ, како што велат, веќе тече постапката за избор на кандидати, а финалната одлука ќе ја донесат делегатите на Конвенцијата на трети март. Албанските партии во меѓувреме размислуваат за опцијата обединето да застанат за еден кандидат. Ваквата идеја ја изнесе лидерот на ДУИ, Али Ахмети по одлуката да не одат со заеднички кандидат со коалициониот партнер. Централното претседателство на Алијанса за Албанците иако со резерва гледаат на ваквата опција сепак ќе го разгледаат предлогот на Интегративците.  Од Алијансата велат дали ќе застанат зад еден кандидат ќе зависи и од тоа дали заедно со претседателските ќе има и предвремени парламентарни избори, кои тие исто така ги посакуваат.

Но, дали ќе се избира нов пратенички состав во голема мера зависи од одлуката на владејачката СДСМ. Извршниот одбор за в недела најавува конечна одлука за предвремени избори.