ХИДРОСИСТЕМОТ „ЗЛЕТОВИЦА“ ЌЕ ПОЧНЕ СО РАБОТА

Четврток, 31 Јануари 2019 14:10 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Со пет милиони евра ќе се става во функција ХС „Злетовица“. Наменети се за изградба за пречистителни станици  и придружна инфраструктура во Карбинци и Лозово како и прилагодување и проширување на постојните во Штип и Свети Николе.

Годинава овие општини на располагање имаат 3.5 милиони евра, останатите ќе се трошат догодина.

„Следниот чекор, ќе достават до Министерството што може веднаш да се тендерира“ - изјави Славe Арсовски, директор на Управата за водоснабдување.

Иако браната Кнежево е изградена пред речиси една деценија, општините што треба да се приклучат се уште изработуваат техничка документација, а  без поврзување на Штип, Карбинци и Лозово, „Злетовица“ останува нерентабилна.

„Ние наскоро ќе имаме проект со кој ќе ни укажат со каква опрема можеме целосно да бидеме подготвени да ја преземеме водата од „Злетовица“ “ - рече Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

„Со техничката документација за месец - два ќе ја завршиме, па ќе се пристапи кон градба на инфраструктурни објекти“ - вели Јордан Насев, градоначалник на Карбинци.

Хидросистемот „Злетовица“ со вода треба да снабдува 100.000 жители. Првата фаза од проектот се реализираше со сто милиони евра, кредит од јапонска „Џајка“.

Кредитот до 2028 ќе го плаќа државата, по тоа од овој хидросистем ќе враќаат пари во Буџетот. За целосна исплатливост на „Злетовица“ мора да се завршат и останатите две фази, наводнување и енергетика.