Индустриското производство лани со раст од 5,4 отсто, само во декември 7,9 отсто

Среда, 30 Јануари 2019 13:41 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Индустриското производство во текот на 2018 година забележа раст од 5,4 отсто во однос на петходната година. Индустриското производство забележа раст и на месечно ниво. Во декември 2018 во однос на декември 2017 година има раст од 7,9 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во декември 2018 година, во однос на декември 2017 година, бележи пораст од 4,6 отсто, во секторот преработувачка индустрија бележи пораст од 6,1 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 20 отсто.

Зголемувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство на прехранбени производи, производство на пијалаци, производство на текстил, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, производство на моторни возила, приколки и полуприколки и производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во декември 2018 година, во однос на декември 2017 година, бележи пораст кај енергија за 23,9 отсто, интермедијарни производи, освен енергија за 4,6 отсто, капитални производи за 2,4 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,5 отсто, додека опаѓање бележи кај трајни производи за широка потрошувачка за 10,6 отсто.