Живот во зграда – како функционираат куќните совети?

Среда, 23 Јануари 2019 14:52 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Надворешен управител или заедница на станари односно куќен совет? Македонците се почесто се одлучуваат за првото.

Заклучно со крајот на 2018-та биле склучени 3.318 договори со лиценцирани фирми кои покриваат над 80 илјади станови. Во истиот период имало регистрирано вкупно 2.769 заедници на станари.

Сепак, се уште постојат околу 4.000 згради кои немаат организирано управување. Според Државната статистика во земјава има над 10 илјади станбени згради а само околу 6.000 имаат ангажирано фирма или регистрирано заедница.

Законот за домување предвидува сите згради со повеќе од осум стана да имаат организиран начин на управување. Има две опции – регистрирање заедница на станари односно куќен совет или назначување надворешен управител односно специјализирана фирма која ќе се грижи за се.

Сепак и по повеќе од 5 години од овие законски измени голем дел од граѓаните не се запознаени со нивните права и обврски.

„Имаме куќен совет. Добро функционира – влезот е чист, лифтовите работат. Не знам дали е регистриран како заедница на станари, искрено прв пат слушам за такво нешто“ вели жител на населбата Карпош 4.

„Фирма се грижи за зградата. Плаќам некои 600 денари месечно и не се интересирам многу за тоа што се случува се додека се си функционира како што треба“ објаснува жителка на населбата Ново Лисиче.

Искуствата се различни – во едни згради нема ни огласна табла ни куќен совет, во други се функционира беспрекорно па дури имаат и групи на социјалните мрежи на кои информираат за се – од тоа кој колку должи и како се трошат парите до планираните инвестиции во заедничките простории.

Законот предвидува казни за несовесните соседи, но и за зградите кои не се организирани. Сепак, слабо се применува во пракса бидејќи во земјава има многу малку инспектори за домување.

„Во последните шест месеци се примени 170 пријави на спорови помеѓу соседи, со претседатели на куќни совети и со надворешни управители“ стои во извештајот од Комисијата за домување.

Во него се објаснува и дека граѓаните најмногу се жалат на нерегуларности, поради одбивање на управителите да ги префрлат средствата од резервниот фонд на новиот управител или на новата заедница на сопственици, како и предавањето целокупната документација.