Отворена регионалната обука за информатички технологии

Вторник, 22 Јануари 2019 14:55 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Министерот за локална самоуправа денеска ја отвори регионалната обука за информатички технологии што во наредните три дена во организација на Центарот за управување со знаење ќе се одржува во Скопје.

„На овој регион му се потребни енергијата и знаењето на младите перспективни студенти и идни претприемачи. Ние се соочуваме со сериозен одлив на кадри и застрашувачки дефицит од квалификувани луѓе коишто можат да одговорат на посложени предизвици. Она што најмногу може да ни помогне на нас, како држава којашто има амбиции да биде успешна приказна во европската развојна политика се креативноста и иновативноста. Малите и средни бизниси се двигатели на економскиот раст и сериозен потенцијал за отворање нови работни места“, рече министерот Фазлиу.

Министерот истакна дека опфатот на околу 60 учесници од Република Македонија, но и од од Бугарија, Грција, од Кипар и од Албанија, зборува за корисноста на обуката.

„Покрај обезбедување нови знаења и вештини, ова е можност за зближување на младите луѓе од регионот, заедничко градење на капацитети, размена на информации и градење контакти и пријателства коишто во иднина можат да прерасната во заеднички бизниси“, рече Фазлиу.

Обуката е организирана во рамките на проектот „Образовна работилница за претприемништво и информатички технологии“, финансиран од Европската Унија преку Програмата за транснационална соработка Балкан-Мед, во која, покрај Република Македонија се вклучени и Бугарија, Албанија, Грција и Кипар.