Бабовски: Продолжен рокот за аплицирање за поврат на пари за камати од ИПАРД-програмата

Четврток, 17 Јануари 2019 13:57 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го продолжи рокот за аплицирање за поврат на средствата за камати за реализирани инвестиции по ИПАРД-програмата со помош на кредити. Новиот краен рок за поднесување на барањата за поврат на каматната стапка е до 15 февруари. Рокот се продолжува поради зголемениот интерес од страна на барателите што во минатиот период реализирале проекти од ИПАРД 1 и ИПАРД 2-програмата со помош на кредит.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека оваа можност може да ја искористат сите правни и физички лица, кои по 25 декември 2016 година користеле средства од повикот за ИПАРД-програмата, а за реализација на инвестицијата подигнале кредит. Таквите апликанти, според Бабовски, ќе може да добијат финансиска помош во висина од 50 до 75 отсто од каматната стапка на годишно ниво за период од 10 години. Помошта е наменета за кредити што имаат годишна каматна стапка во висина до 8 отсто на годишно ниво, кои се исклучиво пласирани од банки и штедилници со дозвола за работа од Народната банка на Република Македонија за период до 10 години, и тоа за инвестиции што се финансирани од Инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската Унија (ИПАРД).

„Услов е и кредитот да не е повисок од 500.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Македонија, утврден на денот на склучувањето на договорот за кредит. Право на користење финансиски помош ќе имаат корисници на финансиски средства од (ИПАРД), кои потпишале договор по завршување на последниот јавен повик за субвенционирање на каматна стапка, односно по 25.12.2016 година“, истакна Бабовски.

Сите што ги исполнуваат условите потребно е да креираат електронско барање по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk за финансиска поддршка со соодветни податоци и да прикачат задолжителни електронски документи:
• договор за склучен кредит со банка или штедилница за инвестицијата финансирана од Инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската Унија;
• детален амортизационен план, кој е прилог на договорот за кредит.


Барањата што ги исполниле условите за користење средства за мерката 2, ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барање на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Барањата што не се поднесени електронски нема да се разгледуваат. Еден барате, може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две одделни по разни мерки земајќи ги предвид и другите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. Краен рок за аплицирање е 15.2.2019 година.