Потпишан договорот со „Визер“, добивме уште 8 нови авиолинии

Понеделник, 14 Јануари 2019 14:28 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Унгарската авиокомпанија „Визер“ годинава ќе воведе по четири нови линии од аеродромите во Скопје и Охрид. Ова го најави Џорџ Михалопулос, комерцијален директор на „Визер“ по денешното потпишување на договорот со Министерството за транспорт и врски за субвенции во авио сообраќајот. Со договорот, кој е со важност од 2019 до 2022 година, предвидено е Владата да даде субвенции од 312 милиони денари или околу пет милиони евра.

Тој рече дека од аеродромот Скопје се воведуваат две нови линии, односно Скопје до Карлсруе/Баден-Баден, потоа Скопје-Бремен, една линија кон Кипар или Скопје-Ларнака и една линија кон Финска или Скопје-Турку.

Од аеродромот во Охрид ќе бидат воспоставени нови летови кон Малме во Шведска, Милано-Малпенса во Италија и Меминген и Дортмунд во Германија

„Во март ќе стартуваат четири нови линии, односно летовите од Охрид за Малме и Милано, како и летовите од Скопје до Бремен и до Карлсруе/Баден-Баден. Останатите четири линии ќе стартуваат од јули. Цената за овие летови ќе биде 1.169 денари или 19,99 евра“, рече Михалопулос.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој денес го потпиша договорот за субвенционирање со „Визер“ рече дека оваа авиокомпанија била единствената што се јавила на повикот и дека согласно договорот има обврска да воведе најмалку шест нови дестинации, од кои четири од аеродромот во Охрид „Св. Апостол Павле“ и две од меѓународниот аеродром Скопје.

Последен пат изменето на Понеделник, 14 Јануари 2019 14:35