Почна асфалтирањето на првата делница од регионалниот пат Гевгелија-Негорци

Петок, 07 Декември 2018 14:24 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

По извршеното гребење на оштетениот горен слој и пополнувањето на дупките, почна асфалтирањето на првата делница од регионалниот пат Гевгелија-Негорци, на потегот од кружниот тек во градот до управната зграда на поранешен ЗИК „Винојуг“.

Од општината посочија дека по завршување на оваа делница веднаш ќе се пристапи кон гребење на асфалтот и подготовка за асфалтирање на втората делница од патот кој е со вкупна должина од 6,5 километри.

Поради работите на патот наредниве денови сообраќајот ќе се одвива наизменично само по една коловозна лента поради што до возачите се апелира да бидат внимателни и со прилагодена брзина според условите на патот да ги управуваат возилата особено на делот каде се изведуваат асфалтерските работи.

Целата реконструкција на регионалниот пат Гевгелија-Негорци ќе чини 90 милиони денари што ги обезбеди Јавното претпријатие за државни патишта на Република Македонија,а се очекува комплетно да заврши до крајот на јануари 2019 година.