Земјоделците до крајот на годината може да поднесат барања за легализација на фармите

Петок, 23 Ноември 2018 14:16 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

До крајот на годината земјоделците може да достават барања за легализација на изградените објекти, фарми на градежно земјиште, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

Со измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, под надлежност на Министерството за транспорт и врски, рокот за легализација на дивоизградените објекти е продолжен за една година. Барањата за легализација треба да се поднесат во општините на живеење.

Од МЗШВ велат дека продолжувањето на рокот е со цел да им се излезе во пресрет на големиот број граѓани, вклучително и на земјоделците, кои досега не ја завршиле постапката за легализација. Досега бројот на земјоделските стопанства чии објекти се легализирани е исклучително мал и повеќето од нив ја немаат искористено можноста што ја имаше понудено законот. Нерегулираниот статус на објектите за земјоделска намена на градежно земјиште негативно влијае на можноста за модернизација и реструктуирање на земјоделските стопанства што се занимаваат со сточарство и ги оневозможува стопанствата во користење на државната финансиска помош за земјоделството.

„Можноста за легализација на фармите е од голема важност за земјоделците. Со стекнување имотни листови самите фарми ќе добијат и финансиска вредност, која земјоделците ќе може да ја искористат за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на фармите. Воедно, со легализацијата ќе може да остварат право за аплицирање за мерките од ИПАРД-програмата и од националните програми, што ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството“, велат од Министерсвото.