80-те пратеници кои гласаа за отворање на Уставот се под деноноќна полициска заштита

Понеделник, 22 Октомври 2018 13:06 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

80-те пратеници кои гласаа за отворање на уставот се под 24-часовна полициска заштита. Министерот за внатрешни, ја потврди информацијата велејќи постојат директни и реални закани по животот и безбедноста на пратениците и нивните семејства. Спасовски вели дека според информациите кои ги има полицијата најмногу од заканите кон пратениците, нивните семејства и имот доаѓаат од луѓе блиски на иницијативата Бојкотирам.

– Сите кои што гласаа за иницијативата за промена на уставот. Сите се обезбедуваат. А се направени проценки врз основа на тоа што е доставено како материјал или било следено во нашите активности на штабот кој што работи во министерството за внатрешни работи. Секако дека станува збор за одредена група која што е блиска до таа иницијатива Бојкотирам, која што се заканува со живот на пратениците, на нивните семејства, со нарушување на нивниот имот и така натаму. Се додека има такви закани и се додека не престанат причините тие ќе бидат обезбедувани, изјави Спасовски.

Министерството за внатрешни работи денеска поднесе втора кривична пријава за загрозување на безбедноста на пратениците. 38 годишен жител на Коњаре по компјутерски пат ширел расистички и ксенофобичен материјал за пратениците, вели МВР.

– По издадена наредба од Основен Суд Скопје 1 Скопје, на 21.10.2018 година извршен е претрес на дом и други простории кај лицето А.Н. при што се пронајдени и одземени предмети во интерес на истрагата, а А.Н. е повикан на службен разговор во полициска станица. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи, соопштија од МВР.

Од друга страна не сите пратеници сами побарале полициско обезбедување. Еден од нив е пратеникот од опозицијата Љубен Арнаудов кој рече дека МВР по службена должност му доделила деноноќна заштита од полицијата.

– Зошто полицијата ве обезбедува? Тоа е по службена должност. Зошто? Не знам, ќе си ги прашате тие кои издаваат наредби, изјави пратеникот Арнаудов.

Претходно во саботата МВР поднесе кривична пријава за говор на омраза и загрозување на сугурноста на пратениците против 48 годишен скопјанец откако истиот ги објавил заканите на социјалната мрежа „фејсбук“. Спасовски истакна дека нема да се толерира ниту една закана упатена кон пратениците и загрозување на нивната безбедност.