Мицкоски отфрла секаква можност за договор

Среда, 17 Октомври 2018 13:05 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

И утринава од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ до редакциите и јавноста беше испратено редовното партиско соопштение.

Содржината позната. Заев се плаши од Мицкоски – Преспанскиот договор е правно и политички мртов. Ова е директен показател дека засега нема никаква промена на ставот на опозициската партија, по писмото кое синоќа директно на Мицкоски му го испрати помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел.

И покрај тоа што ваквите директни писма, со израз на длабока разочараност од политиките на некој политичар или партија се навистина реткост, посебно кога се испратени од првите луѓе на најмоќните земји во светот, сепак тоа се чини никој посебно не загрижи во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски и во интервју за Дојче Веле вели дека со премиерот Заев единствено што можат е да констатираат дека македонско-грчкиот договор и мртов.

-Секое натамошно силување на овој процес само ќе произведе дополнителни тензии и поларизации во општеството, а единствен виновник за тоа е Зоран Заев кој ветуваше нешто што не може да го исполни. Одговорноста е кај тие што го доведоа Договорот до неуспех.

Прашањето кое сега се отвора е дали политичките чинители во земјава се свесни за тоа колкава тежина имаат ваквите директно со разочараност од политиките и претседателот на нај големата опозициска партија во една земја?

Во меѓувреме неофицијално се најавува дека веќе викендов во убедувачки мисија  ќе дојдат повеќе политичари од САД. Целта е јасна, уште еднаш да се објасни дека не е можен нов договор со Грција и дека без имплементацијата на компромисот, Македонија ќе остане со години и децении изолирана, надвор од НАТО и европското семејство.