Сметководителите притиснаа, Тевдовски ќе го менува законот

Вторник, 09 Октомври 2018 13:28 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Новиот закон за сметководство има многу слабости, сметководителите на средба со министерот за финансии Драган Тевдовски побарале да се измени во неколку клучни точки. На консултативниот состанок во петокот, покрај сметководители, биле присутни и консултантски куќи, претставници на Комората на сметководители, професори од Економскиот факултет и претставници на здруженија. Средбата дојде по отворениот истап на фелата против решенијата во новопредложената регулатива, оценети како враќање на сметководството назад.

„Се согласивме дека измените во законот мора да се направат согласно препораките на ИФАК, Меѓународната федерација на сметководители, која ги пропишува сметководствените стандарди. За да станеме нивна членка, треба да го почитуваме принципот на независност на Институтот на сметководители и овластени сметководители од Министерството за финансии. Тоа значи не смее да има мешање на државата во професионалното здружение. А во законот што го предложи Министерството за финансии се протежира државен протекционизам“, велат сметководители со кои разговаравме.

Институтот треба да биде непрофитна организација а не трговско друштво и треба да се занимава со издавање и одземање уверенија за сметководители и овластени сметководители, да работи на преводи и ажурирање на меѓународните стандарди за финансиско известување и да организира меѓународни средби.

За нив важно е зачленувањето на македонската струкова асоцијација во меѓународната федерација. Оти, како што објаснуваат, во моментов ИФАК презема активности за изедначување на сметководствените принципи и читањето на резултатите во цел свет, со што ќе се овозможи и нашите сметководители да можат да работат во 140 земји во светот.

„За тоа мора де си исполни и другото нивно барање – за доживотно учење на сметководителите, односно за континуирана едукација и полагање испити“, велат нашите соговорници објаснувајќи дека така ќе се подигне нивото на струката и квалитетот на услугата.

Сметководителите бараат сами да го одредуваат надоместокот за услугите за тоа што професионално и стручно ќе го работат, а не тоа да го прави Министерството за финансии.

Тие побарале нацрт-верзијата на законот да се повлече од ЕНЕР за период од 6 месеци, да се направат работни групи кои би ги додефинирале проблематичните делови на законот.