Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Царинската управа на Република Македонија  го промовира концептот на овластен економски оператор (OEO). На пресконференцијата беше истакнато дека  статусот на OEO е меѓународно признаена марка за квалитет која укажува на тоа дека економските оператори од Македонија како производители, извозници и увозници, шпедитери и транспортери во меѓународниот ланец на снабдување се безбедни и сигурни, а нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека првите компании веќе аплицираа и се во процедура на имплементирање на неопходните правила за добивање на статус ОЕО, што значи поволност за компаниите како на македонското царинско подрачје, така и во царинското подрачје од земјите на ЦЕФТА регионот, односно овозможува приоритетен третман при извршување на царинските контроли со значително олеснети процедури.

„Веруваме нашите компании како  овластени економски оператори ќе бидат позитивен пример и ќе ги поттикнат и останатите да се стекнат со статусот на Овластен економски оператор како гаранција за кредибилна компанија во меѓународни рамки. Придобивките за стекнување на статус на ОЕО кај компаниите се бројни од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот раст. Поточно, компаниите кои ќе се стекнат со статусот ОЕО, ги задоволуваат предвидените законски критериумите и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот ланец на снабдување. Од друга страна, стекнувањето на статус ОЕО за домашните компании е исто така предизвик, затоа што станува збор за процес на имплементација на високи стандарди, изјави Арсовска и додаде дека компаниите кои ќе се стекнат со ОЕО долгорочно ќе имаат поедноставни, побрзи и поевтини постапки за компаниите кои се извозно ориентирани.

Директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски, истакна дека дел од придобивките што ги носи статусот ОЕО, а кој се стекнува на доброволна основа се  поголема безбедност и сигурност како и намалени трошоци.

„Царинската управа на Република Македонија свесна за значењето на концептот ОЕО, можностите кои тој ги нуди за економските оператори и за Царинската управа се заложува за понатамошен развој на концептот, промовирање на истиот пред деловната заедница како и обезбедување помош и поддршка за сите заинтересирани оператори од една страна, и воедно развој и унапредување на самата царинска служба при спроведување на надлежностите поврзани со концептот ОЕО“, изјави Танасоски.

Танасоски ги охрабри македонските компании да се здобијат со статус на ОЕО со цел да ги искористат придобивките и поволностите на одобрениот статус.

Концептот на Овластен економски оператор е еден од инструментите за олеснување на трговијата. Последните измени на Царинскиот закон, се однесуваат и на критериумите за издавање на одобрение за овластен економски оператор кои се целосно  усогласени со националните прописи и одредби за ОЕО на Царинскиот закон на Европската унија. Успешноста на примена на концептот зависи од интересот на компаниите да го применуваат. Концептот на овластен економски оператор е одамна промовиран од страна на Светската царинска организација и прифатен од многу држави, тој опфаќа подобности за овластен економски оператор во државата и надвор од државата.

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска е во службена посета на Вашингтон. Целта на посетата е отпочнување на разговори за унапредување на правилата на работа кои ќе гарантираат безбедност на домашните и странски инвестиции, а кои треба да се усвојат најдоцна до 2020 година.

„Административните правила по кои ќе работат националните институции играат важна улога во економскиот развој, а крајна цел на овие разговори е поттикнување на домашните и странските инвестиции во земјите во развој. Доколку не се овозможи хармонизација со глобалните правила и практики, ќе заостануваме на полето на економијата, бидејќи брзите промени на закони и неконсултирањето на релевантните засегнати страни т.е деловната заедница, секогаш ќе резултираат со несигурност во инвестициите и зголемена можност за спорови при имплементација. Затоа и Република Македонија потребно е да се посвети кон креирање на квалитетни и одржливи законски решенија кои ќе ги отстранат сомнежите кај инвеститорите дека РМ е несигурна и нестабилна за инвестирање на домашен или странски капитал“, изјави Арсовска и додаде дека  доколку легислативата биде хармонизирана со најдобрите светски практики минимална ќе биде можноста за трговски спорови со што се подобрува позицијата на Република Македонија за привлекување странски инвеститори, но и за зголемување на бројот на домашните инвестиции. 

Арсовска учествуваше и на трансатлантската безбедносна иницијатива на трибина на Атлантскиот Совет на тема "Од Пентагон: Улога на жените во националната безбедност" која се фокусира на многу од стратешките предизвици со кои се соочуваат САД и нејзините сојузници. Настанот го отворија жени лидери од областа како Кетлин Мекинис која како експерт работеше со фокус на НАТО во кабинет на Секретарот за одбрана на САД, како и Кристин Е. Вормут која беше Подсекретар за одбрана задолжен за политики во Министерството за одбрана на САД.

За време на посетата во Вашингтон, Арсовска предвидено е да оствари средби со инвеститори и претставници на стопанските комори од САД и Светската банка.

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија,  Данела Арсовска,  со свое официјално обраќање ја отвори три дневната Конференција на ментори во Скопје и заедно со Амбасадорот на Холандија во Република Македонија, Вилем Воутер Пламп и организаторотСлавица Николовска, Македонската мрежа на ментори им посакаа добредојде на над 60 професионалци ментори во Скопје од Македонија, Холандија, Албанија и Косово.

Целта на конференцијата со која стартува проектот "Зајакнување на жените преку менторство“ е да се поттикне важноста на менторскиот процес, како и вмрежувањето во Република Македонија и во регионот  во насока на   промовирање на еднаквите права на мажите и жените како и  поддршка на иницијативите на жените претприемачи.

Во своето обраќање Арсовска истакна дека  менторите се многу важен дел од персоналниот и професионалниот развој, инспирација за идната генерација на ентузијасти во градење на силно, просперитетно и толерантно општество, со посебна важност на улогата на жените во општествениот прогрес.

И покрај зголемената свест за важноста и улогата на жените која може да биде клучна во менувањето на економската моќ на земјата, сепак во приватниот сектор, дефинитивно жените не се доволно застапени на раководни позиции и постои нерамноправна борба бидејки да бидеш еднаков значи да постојат еднакви можности за развој. Сметаме дека тука е  основната улогата на менторите, да поттикнат, да поддржат и да подадат рака на перспективните жени со цел постигнување на успех  и лидерство во својот домен на делување“, рече Арсовска во своето обраќање и додаде дека во брзорастечките економии, жените имаат поголем удел во економијата, информации за најновите светски трендови, повеќе можности за иновации и поинаков поглед на светот.

Сојузот на стопански комори на Македонија е национален партнер на Македонската мрежа на ментори, а конференцијата е поддржана од Холандската Амбасада во Република Македонија.

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и компании членови  предводени од претседателот на Градежната комора Ивица Јакимовски во насока на зацврстување на јавно-приватниот дијалог остварија работна средба со кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија.

Фокусот на средбата беше подобрување на состојбата во градежниот сектор, кој во изминатите два квартали бележи стагнација.  Градежната комора на Македонија ги претстави стратешките цели, како и потребата од редовни состаноци со претставниците на државните институции со цел воспоставување квалитетен јавно приватен дијалог кој треба да има долгорочни позитивни ефекти врз условите за водење на бизнис на компаниите кои несомнено придонесуваат кон севкупниот економски развој.

„Воспоставување на организиран начин на дејствување ќе значи поттик за остварување на планирани инвестиции не само за градежните компании, туку и за над 20 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото. Градежната комора при ССК активно работи на подобрување на состојбата во секторот градежништво и во таа насока соработката со сите релевантни чинители во секторот градежништво е особено важно за создавање на услови за модерна урбанистичка средина“, велат од Градежна комора на Македонија.

Сојузот на стопански комори на Македонија се залага за унапредување на условите за водење на бизнис, за обезбедување на правна сигурност на компаниите како услов за реализацијата на инвестициите, како и отвореност за соработка со релевантните чинители во насока на стратешко и долгорочно планирање на идни проекти.

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК),  Габриела Кулебанова и директроот на Институтот за стандардизација Џевад Кицара, остварија средба на која беа договорени заеднички активности со цел интензивирање на соработката.

На состанокот беа потврдени иницијативите за продлабочување на деловните релации и активирање на повеќе полиња со цел успешно презентирање и имплементација на европски и светски стандарди како гаранција за квалитет.

Основната цел на ИСРМ произлегува од неговата основна дејност – преземање, усвојување и донесување на европските и меѓународните стандарди како национални, со што дава значаен придонес во подобрувањето на квалитетот на производите, постапките и услугите.

Денес започна јавната расправа за целосно новиот Предлог закон за практиканство, со кој во правни рамки се става оваа дејност и преку кој се дефинираат правата и обврските на практикантите - лица од 15 до 29 години, како и на компаниите кои имаат потреба од ваков вид на кадар. Претседателот на ИКТ комората при ССК, Саша Огненовски, зеде активно учество на состанокот.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, потенцираше дека со овој закон, кој за првпат се воведува во правната регулатива на Република Македонија, се пополнува една празнина и на одреден начин се решава јазот помеѓу знаењата и вештините и понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

„Еден од најголемите проблеми за компаниите е обезбедување на соодветен кадар за нивните потреби. Практично, преку законското решение помагаме и олеснуваме младите луѓе да ги добијат потребните вештини за работа, како надополнување на нивното теоретско знаење, додека на компаниите им даваме шанса и можност да младите кадри да ги профилираат согласно потребите на реалната економија, со што се олеснува и вработувањето на младите лица“, додаде Анѓушев.

Платеното практично и професионално искуство ќе треба да ја подобри вработливоста и да се помогне периодот кон редовно вработување, што се потврдува и преку имплементацијата на мерката практиканство која е дел од Оперативниот план и се спроведува преку Агенцијата за вработување. Имено преку оваа мерка, од 902 лица вклучени во проектот, дури 50% или 455 лица се веќе вработени, нагласи министерката за труд социјална политика Мила Царовска.

„Периодот во кој лицата може да бидат ангажирани како практиканти е од 1 до 6 месеци. За ангажирањето до 3 месеци дефинирано е дека компаниите треба да надоместуваат 5.000 денари месечно, а сите што ќе останат на практикантска работа над 3 месеци ќе добиваат надоместок во висина на законски утврдената минимална плата“дополни Царовска.

Практиканството е добар модел кој се спроведува во сите развиени општества, смета Татјана Марковска од УСАИД.

„Анкетите направени на примерок од 800 ученици во основното и средното образование покажуваат дека тие сметаат дека спроведената пракса е предност во случај на можност за вработување“, истакна Марковска.

Носител на Предлог законот за практиканство е Министерството за труд и социјална политика, а истиот е изработен со поддршка на УСАИД, како дел од проектот „Партнерство преку подобра бизнис регулатива“, кој се спроведува во соработка со стопанските комори. Во изработката на законот беа вклучени сите социјални партнери и претставници на невладиниот сектор, а е резулатат од барањата и предлозите на работадавачите и невработените лица. На днешената расправа се поканети и учествуваат сите социјални партнери кои учествуваа во изработката на текстот на законот.

Преобемната законска регулатива го кочи и земјоделското производство, смета Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на стопански комори. Тој посочува дека постојано се носат нови закони и се изменуваат и дополнуваат постојните, а тоа им создава дополнителни проблеми на земјоделците и го намалува интересот за оваа дејност.

– Земјоделците, наместо да се занимаваат со орање, копање, садење и други земјоделски активности, мораат да се занимаваат со административни работи. Имаме голем број закони, правилници, обемна регулатива што ни го парализира и поскапува производството. Мора да направиме дерегулација, да се поедностават прописите. Голем проблем се и казните, кои се дополнителен товар за земјоделците – додава Оровчанец.


Тој укажува дека земјоделското производството бележи континуиран пад во изминатите 35-40 години, а како една од причините го наведува и честото менување на законите што не му оди во прилог на земјоделското производство.

Претседателот на Туристичко угоститилската комора при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Аркан Керим, потпиша меморандум за соработка со претседателот на Националниот патронат за туристички агенции во Романија Адриан Станчулеску.  На настанот присуствуваше амбасадорот на Романија во Република Македонија, г. Виорел Станила кој даде поддршка на зацврстување на соработата во полето на туризмот меѓу двете земји. Целта на меморандумот   е      поддршка и промовирање на деловното опкружување во областа на туризмот, како во Романија, така и во Република Македонија, размена на информации во областа на туризмот, зголемување на протокот на туристи и  туристичките понуди, како и можности за искористување на заеднички европски фондови поврзани со туризмот, преку развивање специфични услуги и привлекување директни инвестиции.     

„Романија е сериозно заинтересирана да го развива туризмот со Македонија имајќи ја предвид близината на двете земји. Меморандумот кој денес го потпишавме значи дополнителен чекор во зацврстување на соработката меѓу реномираните туристички агенции од двете земји . Тур операторите кои веќе ја имаат вклучено Македонија во нивните продажни каталози детектираат интерес кај Романците за неколкудневен зимски туризам за Македонија но и за Балканот, како и за летен туризам, во Охрид. Наша цел е Романските туристи да ја посетуваат Македонија на ранг на полските и холандските туристи, но за реализација на ова покрај близината меѓу двете земји потребен е по системски приод и директна авио линија“, изјави Керим.

Преку потпишувањето на овој протокол за соработка го остваривме првиот важен чекор кон остварување на соработка помеѓу туристичките агенции од Романија и Македонија, истакна Станчулеску.

„Да не заборавиме дека во Македонија се наоѓа балканскиот Ерусалим, прекрасниот Охрид. Како што веќе напоменав, ова е само прв чекор кој што задолжително треба да биде следен од неколку други чекори: Взаемна поддршка кон привлекување европски фондови наменети за перфекционирање на вработените од оваа економска гранка. Во тој поглед, романските компании би можеле да бидат од огромна помош за македонските компании, понатаму отварање нова авионска линија помеѓу Романија и Македонија, со база во Охрид како и взаемна поддршка кон привлекување други пазари, како што предвидуваат истражувањата на Светската Туристичка Организација“, изјави Станчулески и додаде дека би сакале заедно со ТУК и господинот Керим да ги стави во практика, во најкус можен рок сите одредби од овој меморандум за соработка.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во периодот јануари - декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16.6% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 6.3%, а кај странските има зголемување за 23.5%.  Во периодот јануари - декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 12.8% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 5.2%, а кај странските има зголемување за 22.8%.

Според трговската размена Романија е меѓу десете најголеми трговски партнери на Република Македонија, поточно минатата година била на деветто место, со трговска размена од 422 милиони американски долари, извозот е 176 милиони американски долари, а увозот 246 американски долари.

                            

Да не се укинуваат веќе донесените детални урбанистички планови (ДУП), бидејќи на тој начин се доведува во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор кои трпат големи финансиски штети. Дополнително, самиот процес на прекин на градба значи финански товар и за останатите 26 гранки поврзани со градежништвото,  граѓаните кои одлучиле да инвестираа во стан,  за самите општини и државата, велат од Градежната комора на Македонија, на прес конференцијата по одржаниот Управен одбор предовден од претседателот Ивица Јаќимовски.

 

„Правната сигурност е основа за инвеститорите и за сите чинители вклучени во процесот на градење. Сметаме дека не смее да се поигрува со правната сигурност во државата и да се доведуваат во неизвеснот инвеститорите кои немаат никаква поврзаност со постапката за донесување на ДУП,  како и   купувачите на недвижен имот и банките кои ги дале кредите врз база на предимотен лист, а сето тоа по претходно добиено одобрение за градба во одредена општина. Со ваквиот начин на работа се создава голема правна несигурност, која резултира со негативни ефекти врз домашната економија“, изјави Јакимовски.

 

Доколку се укине одреден ДУП за изградба на станбен објект, по автоматизам се блокираат сите процеси кои се поврзани со делот на градење.

 

„Инвеститорот започнува со градба на претходно донесен ДУП,  од страна на општините, град Скопје и Министерството за транспорт и врски, поточно градежната компанија не учествува во донесување на ДУП-овите. Укинување на ДУП на готов објект, во кој вложиле и компаниите и граѓаните и сите вклучени во процесот значи огромен финансиски товар.  Врз онова на проценките на Градежна комора на Македонија, со моментот на укинување на ДУП – овите, делот на мораторим на дупови кој се води, државата претрпува штета поголема од 1 милјада евра, како и  сите чинители инволвирани во процесот. Донесување на нов ДУП, е сложен процес кој трае повеќе од две години во зависност од носителот на ДУП“,додаде Јакимовски.

 

Градежната комора на Македонија бара внимание за во иднина при донесување на деталните урбанистички планови, бидејќи секое стопирање кога веќе започнал процесот на градба значи штета која не може да се надомести.

Подобрување на деловниот амбиент преку интензивирање насоработката на домашни и странски инвеститори во земјата, со посебен акцент на важноста од влез на компании кои користат повисоки технологии со оглед на лимитираните можности и ресурси на малите и средни претпријатија за вложување во истражување и развој, како и квалификувана работна сила која ќе одговори на потребите на пазарот на труд се темите на кои дискутираа потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Александар Милошевскии членовите на Управниот одбор со Зорица Апостолска, министер за странски инвестиции во Владата на Република Македонија.

„Веруваме дека влезот на нови технологии ќе придонесе компаниите да ја зголемат својата конкурентност. Потребна е консолидирана оценка на потребите на стопанството и човечките потенцијали во земјата со можност за преквалификации, а долгорочно стратешка промена на севкупниот обрзовниот систем.  Влезот на компании кои ќе користат технологии со повисока вредност значи зголемување на продуктивноста, а со тоа и зголемување на стандардот. Македонските компании и младите претприемачи имаат навистина одлични иновативни идеи,  што можевме да го видиме и проектите кои добија грантови на Фондот за иновации и технолошки развој. Финансиската поддршкта и инвестицијата во нив ќе значи раст на продуктивноста и конкурентноста“, изјави Милошевски и ја истакна потребата од заедничка инвестиција во проектни активности на странските со домашните инвеститори со цел да се овозможи нивен натамошен раст и развој.

Апостолска, ја истакна важноста од соработката на домашните и странските инвестиции,  како и можностите од новиот Закон за финансиска поддршка на инвестиции во правец на поставување на цврста правна рамка, со која освен поддршка за инвестициите и конкурентноста, на компаниите им се дава  сигурност.

„Уште од самиот почеток како Влада процесите на креирање на економските политики ги отворивме за домашниот бизнис, компаниите на проактивен начин беа вклучени во процесите на креирање на економските политики кои резултираат со усвојувањетона Планот за економски раст. Владата ја препознава важноста од поддршка на домашните компании за подигнување на нивото на конкурентноста на домашната економија и остварување на реални и долгорочно одржливи стапки на раст на БДП. Овој пристап кон домашното стопанство може да се препознае од Планот за економски раст, во чиј рамки е и Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Јасно се гледа дека нашата цел, покрај потикнување на нови странски инвестиции, е и јакнење на конкурентната способност и на домашните компании. Законот дава поддршка за градење на капацитети за освојување на нови пазари, се стимулира усвојувањето и воведување на нови технологии во процесите на производство. Намерата е економскиот раст и развој на земјава да го поставиме на здрави темели преку градење на успешни интеракции помеѓу домашните и странските компани, преку размена на искуства, знаења, и нови технологии“ рече Апостолска и притоа истакнувајќи дека со поканата за пристапни разговори за членство во НАТО деловната клима во Република Македонија добива стабилност и безбедносни гаранции, што се главните предуслови за преземање на сериозни деловни потфати или инвестиции од страна на компаниите.

На состанокот стопанствениците во Сојузот од сите сектори  понудија интензивирање на соработката со стопанството со цел заедничка работа на оваа проблематика. Исто така, беше нагласено дека технолошко иновативните процеси на компаниите им овозможуваат да се специјализираат, да ги исполнат меѓународните стандарди за најдобри практики, да го надградат квалитетот, да ги намалат трошоците и најважно од се да отворат нови работни места.

Последните податоци на Народната банка на Република Македонија покажуваат дека продуктивноста на трудот се намалила за 2.1% за една година. Ваквиот тренд беше забележителен преку целата година, а е резултат пред се на услужниот сектор и на индустријата. Продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу бруто домашниот производ и бројот на вработени. Според податоците на Еуростат, Македонија е меѓу најнепродуктивните земји. Само соседна Бугарија е скоро исто рангирана како Македонија. Податоците на Еуростат кажуваат дека еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават работниците на ниво на Европската Унија. Доколку се направи компарација најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%.

Заедничка координација на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Управата за јавни приходи (УЈП) за регистрирање на субјектите кои немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција се главен фокус на кој двете институции ќе соработуваат за подобрување на деловниот амбиент. Меморандумот за соработка меѓу институциите кој го потпишаа претседателот на Сојузот Данела Арсовска и директорот на УЈП, Сања Лукаревска значи официјализирање на соработката и заедничка работа на повеќе полиња за подобрување на деловниот амбиент во земјата.

 

„Неформалната т.е сивата економија е еден од најголемите проблеми бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги става во повластена положба  во однос на оние што си имаат регистрирано фирми и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Инспекциските служби треба да практикуваат тие што ќе ги затекнат на терен по службена должност да ги регистрираат за да се воведат во системот, да плаќаат даноци и бидат лојална конкуренција,  изјави Арсовска и појасни дека тие субјекти никаде не фигурираат, прават милионски профити на црно, а не се регистрирани и работат со готовина.

 

 

Неодмнешните анализи објавени на Сојузот покажаа дека сивата економија зема замав и е огромна нелојална конкуренција на регистрираните бизниси. Според анализите, оние кои работат без фирма во старт се повеќе од 50 проценти поконкурентни од регистрираните фирми, поради тоа што не плаќаат ДДВ, не плаќаат продонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци ги плаќаат како лица наместо да плаќаат индустриска струја и вода како регистрираните фирми, со што не само што го оштетуваат буџетот туку и нудат цени пониски и до 50 проценти кои регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне.

 

Според извештајот на ОЕЦД во Република Македонија има 25% учество на сивата економија во вкупната економија, а  што се потврди и во извештајот на ЕУ во кој се вели дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Проценките за големината на сивата економија со извештајот на ЕУ се движат од 20% од вкупното производство до 40% во зависност од применетиот метод, што создава пречка за инвестиции и прави сериозни проблеми и нелојална конкуренција на регистираните компании. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти. 

Страница 9 од 10