Во насока на подобрување на корисничкото искуство при користењето на банкарските производи и услуги, експозитурата на НЛБ Банка во населбата Ново Лисиче, почнувајќи од 14-ти јануари, се сели на нова локација во поголем и посовремен простор. Новата локација на експозитурата се наоѓа на адреса: бул. Видое Смилевски Бато бр. 6 и е со работно време од понеделник до петок од 09:00 до 17:00 часот.

Експозитурата ќе го опслужува сегментот население и правни лица, нудејќи сеопфатни банкарски услуги. Покрај тоа, експозитурата е опремена и со современа 24-часовна самоуслужна зона каде клиентите самостојно ќе можат да извршуваат најразлични банкарски трансакции: исплата на готовина, уплата на дневен промет, уплата на платежни и бизнис картички, уплата на сопствени сметки, плаќање на режиски трошоци како и припејд надополнување на мобилен телефон.

По повод преселувањето во новата експозитура, НЛБ Банка ги наградува своите клиенти односно првите сто клиенти кои ќе аплицираат за НЛБ кредитна или бизнис картичка ќе добијат бесплатна членарина за првата година, а првите сто клиенти кои ќе ја преземат НЛБ мКлик мобилната апликација за физички лица, ќе добијат три месеци бесплатно користење на истата. Во моментов деловната мрежа на НЛБ Банка ја сочинуваат 54 експозитури од кои 28 локации се во Скопје и 26 се дисперзирани ширум Р.Македонија.

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија по распишаниот тендер за набавка на гориво за моторни возила склучи договор со друштвото за трговија на нафтени деривати и услуги Лукоил Македонија ДООЕЛ Скопје.

Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 12.980.000 денари.

По информацијата објавена од Македонската берза дека акциите на Нова Осигурување АД Скопје се продадоа за вкупно 3,2 милиони евра во две блок-трансакции, Халкбанк АД Скопје и официјално потврди дека сега поседуваат 100 отсто од капиталот на осигурителната компанија.

Со оваа купопродажба, Халкбанк најави дека е новиот сопственик на осигурителната компанија, а допрва ќе следува целиот процес на ребрендирање.

 

„Следејќи ја успешната практика на нашата матична банка Халкбанк Турција, која е сопственик на осигурителната компанија Халк Сигорта, а со цел проширување на присутноста на нашиот бренд во рамките на финансискиот пазар во Македонија, отсега под името ХАЛК ќе се нудат и услуги во доменот на осигурувањето. Со оваа капитална инвестиција, убеден сум дека и позицијата на Халкбанк дополнително ќе се зацврсти како успешен и сигурен бренд и ќе дејствува во насока на понатамошен развој на компанијата во финансискиот сектор во земјата“, изјави д-р Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк.

Инаку, Халкбанк Турција (Turkiye Halk Bankası A.Ş.) е доминантен акционер на Халкбанк АД Скопје и е една од најголемите банки на турскиот пазар, во чија сопственост се и друштвата Халк Лизинг, Халк Факторинг, Халк Инвестиции и Халк Пензиски фонд.

Халк Сигорта, пак, е една од најголемите осигурителни компании на турскиот пазар, која својата визија да биде водечка компанија и пример за дејствување во осигурителниот сектор, истовремено применувајќи иновативни и пионерски практики, ќе ја пренесе и на македонскиот осигурителен пазар.

Инаку, купопродажбата на Нова Осигурување АД Скопје се изврши на 9 јануари, а осигурителната компанија под брендот на Халк ќе започне со работа во претстојниот период.

Македонската компанија за производство на здрава храна - Виталиа имаше успешно претставување на Меѓународниот Саем ANUFOOD 2018 во Пекинг, Кина. Исклучително важен настан на кој се претставуваат иновациите во прехранбената индустрија,  а компаниите имаат можност да се презентираат пред милионска публика, пред претставници од најголемите компании од Азија, како и пред посетители од Кина,  Јапонија, Малезија, Индија, Индонезија, Кореа, Филипини и други земји од светот.

Виталиа беше дел од т.н. Innovation room -зона каде што се истакнуваат иновации во технологијата,рецептурата и амбалажата на прехранбени продукти. Виталиа, секогаш во чекор со трендовите, беше дел од  оваа зона, каде што се претстави со новото Smoothie To Go, со Raw Bars и безглутенските крекери.

Големиот асортиман на Виталиа беше исто така промовиран и истиот предизвика значителен интерес поради уникатните и високвалитетните состојки, практичната амбалажа и нутритивната вредност. Производите на база на житарици – муслите беа едни од најпопуларните што овозможи остварување на многу контакти со производители, дистрибутери, трговски ланци.

Кина и овој дел од светот се особено интересни бидејќи тука потрошувачите имаат развиено навики за онлајн купување, што е инспирација за македонскиот пазар да се фокусира на поинаков начин на купување кој носи заштеда на време и прилагодување со модерниот животен стил. Тука, Виталиа ја има предноста,  во својата нова веб страна има инкорпорирано онлајн продавница.

 “Станува збор за дел од светот кој нуди многу можности.  Огромен пазарен потенцијал,  шанса за големи извози и постигнување конкурентност во глобални рамки. Пласман и унапредување на позицијата на сите брендови во продуктното портфолио, што воедно може да придонесе кон голем раст и развој на производните потенцијали. Компанијата и понатаму ќе учествува на светските саеми со цел да биде поблиску до светските трендови и иновации од областа на здравата храна со што ќе се обезбеди и долгорочен развој на компанијата”, изјави главниот менаџер за Интернационална продажба, Кети Ќосева.

649 милиони денари изнесува остварениот промет на македонската берза во декември кој е речиси удвоен споредбено со ноември.

Податоците од последниот билтен на берзата покажуваат дека прометот пораснал за 82,2 отсто.

Најтргувани акции според билтенот во декември биле акциите на Комерцијална банка кои бележат промет од 1,5 милиони евра.

Акциите на Алкалоид кои се најдоа на листата втори најтргувани во декември оствариле промет 596,328 евра .

На трето, четврто, и петто место се акциите на Макпетрол, Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка.

Пад за 9,73 отсто билтенот на берзата регистрира кај класичното тргување кое во декември изнесува 295.846.210 денари споредбено со ноември.

Блок трансакциите за декември се зголемени за 274,61 отсто во однос на месец ноември и тие изнесуваат 106.680.622 денари.

Друштвото ПИ „Витаминка“ АД Прилеп, го усвои планот за работа за 2019 година на седницата на Одбор на директори одржана на 20.12.2018 година.

Предвидувањата во планот за работа се базирани врз основа на : Реалните пазарни очекувања, продажните проекции и можности за пласман на нашите производи на постоечките и новите пазари; Зголемување на продуктивноста и ефикасноста во искористувањето на сопствените ресурси и потенцијали; Намалување на поедини групи на трошоци во одредени сегменти.

Имајќи ја предвид среднорочната стратегија за развој на друштвото и во 2019 година продолжува со инвестирање со цел следење на развојните процеси. Основно инвестициите се однесуваат на
модернизирање и автоматизирање на техничко-технолошките процеси, зголемување на постоечките капацитети, воведување на нови производни линии, градежна реконструкција и адаптација на
производни хали и магацини за складирање.

Планираните вкупни приходи од оперативното работење на друштвото се позиционирани на износ од приближно 52.150.000 ЕУР. Од вака планираните вкупни приходи 60 % се планирани да се
оствараат на домашниот пазар, а 40% да се оставараат на странски пазари.

Како приоритети на продажба се следните зголемувањето на продажбата на домашниот пазар и зголемување на продажбата во балканските земји.

Остварувањето на финансискиот план ќе ја зголеми добивката на друштвото за 15-20 %.

Петте министри од економски ресори се обврзаа до крајот на месецот да им одговорат на четирите Стопанските комори за статусот на барањата поврзани со измените во регулативата во повеќе области

Tековните измени во законите за просторно и урбанистичко планирање и за градба, законите за данок на личен доход и за јавни набавки, правилата за категоризација на угостителски објекти, состојбата со кредитирање и други регулативи под надлежност на Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделие беа клучни на минатонеделната, втора седница на Комисијата во рамки на Платформата за јавно-приватен дијалог, којашто произлезе како резултат на склучениот Меморандум за соработка помеѓу Владата и најголемите четири стопански комори (Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на Северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори).

Главната цел на овој процес е да се воспостави дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор, да се акцентираат веќе детектираните проблематични делови од одделни закони и да се укаже на потенцијални измени и регулаторни норми кои се тешки или невозможни за соодветна имплементација и не ја постигнуваат целта на своето постоење.

На седницата беше договорено одговорите и ставовите на надлежните министерства да се достават најдоцна до крај на месец декември, а следна седница на Комисијата за јавно приватен дијалог, според динамиката на работа, да се одржи на почетокот на месец март 2019 година,  кога ќе се разгледуваат конкретните забелешки и сугестии кои стопанските комори ги доставија до ресорните министерства, а со цел да се подобри бизнис амбиентот во кој што работат. 

Партнерски состанок за продлабочување на досегашната, но и поттикнување на идната соработката помеѓу Црвениот крст на Рeпублика Македонија и партнерските организации денеска се одржа во Скопје на кој присуствуваа претставници од стопанските комори, компании, банки, меѓународни организации и агенции.

Потпретседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) Габриела Кулебанова, во своето обраќање рече дека  една од мисиите на Сојузот е да го поттикнува интересот на компаниите во Македонија за поддршка на општествено корисни социјални програми наменети за подобрување на животниот стандард.

„Сојузот од 2011 година до денес, ја поддржува имплементација на кампањата за „Денот на гладта“ која Црвениот крст на Република Македонија ја реализира во целата земја, а во чии рамки се оргнизира и хуманитарна акција со компаниите за обезбедување на донации за помош на семејствата кои се соочени со социјални ризици.  Нашата земја не е исклучок од овој глобален процес бидејќи и кај нас општествената одговорност се повеќе станува императив на компаниите, кои дел од профитот кој го остваруваат го враќаат на заедницата. Основната идеја е дека ниту една компанија не учествува во своите активности во некој изолиран простор туку со својата работа станува значаен дел на општествената целина. Компаниите членови на Сојузот, општествената одговорност ја манифестираат преку активни мерки за заштита на околината, различни општествени донации, развој на човечкиот потенцијал и давање на еднакви можности на сите вработени, преку трансфер на знаење и технологии, заштита на потрошувачите и многу други мерки насочени кон подигање на нивото на одговорност кон општеството“, рече Кулебанова и додаде дека потенцијалите за практикување на општествената одговорност се многу поголеми  и дека заеднички сите чинители во општеството во иднина ќе се фокусираме кон оваа цел.

Таа додаде дека зацврстувањето на соработката на Сојузот на стопанските комори на Македонија и Црвениот крст како и со сите чинители кои ќе влијаат на зголемување на социјалната одговорност, е од големо значење за натамошно поттикнување на  добрите деловни практики во нашата земја.


Според  генералниот секретар на Црвен крст на Македонија Саит Саити грижата за општото добро претставува највисок приоритет за одговорно работење, клуч и основа на заедничкиот развој на општеството. На традиционалниот настан беа доделени признанија и благодарности на компаниите поддржувачи на Црвениот Крст на Република Македонија.

Подобрување на конкурентноста на регионот преку хармонизација на инвестициските политики на економиите на шесте земји на Западен Балкан со стандардите на ЕУ и најдобрите меѓународни практики, зацврстување на јавно - приватниот дијалог, како и вклучување на сите релевантни фактори во процесот на донесување на одлуки се дел од заклучоците на првиот форум на високо ниво на тема: Инвестициските политики во фокус на РИРА агендата за Западен Балкан, во насока на успешна имплементација на Регионалната инвестициска реформска Агенда за Западен Балкан. Цел на Регионалната инвестициска агенда за Западен Балкан е хармонизација на инвестиционите политики со стандардите на Европската унија и најдобрите меѓународни практики во рамките на Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, ЦЕФТА Договорот и процесите за пристапување кон ЕУ .

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска истакна дека Сојузот е активно вклучен во процесите за спроведување на структурните економски реформи во земјата, а во таа насока и РИРА агендата треба да донесе видливи економски резултати во блиска иднина.

„Подобрување на атрактивноста на регионот за инвеститорите и зајакнување на врските меѓу земјите на Западен Балкан, креирање нови работни места, привлекување нови странски директни инвестиции кои ќе донесат трансфер на знаења и на технологија, зголемување на директната поддршка на претприемништвото и иновациите би биле резултатите од успешно спроведената РИРА агенда која е заклучок од иницијативата на Берлинскиот процес, поврзана со идните проширувања на Европската Унија. Она што е меѓу приоритетите за создавање добар деловен амбиент е одстранување на бариерите во трговијата, редуцирање на трошоците на компаниите, поедноставување на процедурите за водење бизнис, овозможување раст на извозот, а сето тоа во услови на стабилност и владеење на правото како предуслови за зголемување на конкурентноста на регионот на Западен Балкан. Вклучувањето на сите релевантни страни е најдобриот и единствениот начин кој произведува добри реформи за економски развој и затоа е потребно е да ги вложиме сите напори за спојување на институционалното влијание со практичното искуство“, изјави Арсовска и додаде дека сево ова предвидено е да се постигне во неоколку фази за да се постигне заедничко разбирање и соработка меѓу 6. земји на Западен Балкан,  во врска со формулирањето и спроведувањето на реформската агенда.

Rira_Forum1.JPGГоран Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСС) и поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија истакна дека успешо спроведување на РИРА агендата е шанса  Западен Балкан да биде дел од ЕУ.

„Секоја економија не треба да биде меѓу себе конкуренција, туку потребен е интегриран пристап кон инвестиротите. Настапувајќи како единствен пазар можностите за привлекување големи и сериозни инвеститори се поголеми. Имплементирање на РИРА агендата е подготовка за влез на големиот европски пазар “, изјави Свилановиќ.

Професорот Вачно Узунов, рече дека треба да размисулваме долгорочно, бидејќи досегашниот начин на привлекување странски инвеститори нема иднина и додаде дека инвеститорите се присутни се додека државата финансиски ги стимулира.

Официјално обраќање на Форумот имаше Марија Ристеска, извршен директор на Центарот за истражување и креирање политики која истакна дека сите страни во процесот треба да соработуваат со цел унапредување на инвестиционата политика и создавање на можности за зголемување на конкурентноста на македонските компании.

Форумот е во организација на Центарот за истражување и креирање политики во соработка со Сојузот на стопански комори на Македонија во рамки на регионалниот проект на РИРА агендата  „Воспоставување дијалог за Регионалната инвестициска агенда меѓу владините институции, приватниот сектор и граѓанските организации“ , кој се спроведува во 6-те земји од Западен Балкан.

Генералниот Совет на Светската Коморска Федерација (World Chamber Federation) со седиште во Париз, го објави назначувањето во раководството на Данела Арсовска. Своето прво обраќање Арсовска го имаше на денешната седница која се одржа во Дубаи со што во раководството на највисоките позиции од 1919 година од 12.0000 комори од целиот свет таа е прв претставник од Република Македонија. 

Арсовска ќе го заземе местото на еден од 20. членови на Генералниот совет кои ќе раководат со Федерацијата, каде останатите членови ги претставуваат САД, Кина, Велика Британија, Русија, Турција, Индија, Иран, Израел, Италија, Германија, Франција, Канада, Бразил, Германија, Австрија. 

Назначувањето во највисокото тело на Светската Коморска Федерација значи позиционирање на Република Македонија како центар на Западен Балкан за влез на нови инвестиции во земјата и регионот, сигурни партнерства за домашните стопанственици со цел зголемување на извозот и информации од прва рака за светските економски случувања.

"Горда сум лично и професионално на овој голем успех за Република Македонија и дека по 100 години постоење на Светската федерација од 12.000 комори за прв пат во раководство на највисоките позиции доаѓа лице од Македонија, но и единствен претставник на Западен Балкан. Назначувањето на функцијата во Генералниот Совет е круна на заложбите за интернационализација кои ги промовиравме во изминатите години. Местото кое го заслуживме треба максимално да го искористиме за јакнење на нашата економската позиција, за привлекување на инвестиции во нашата земја, но и за отворање на пазарите за нашите компании за кои е предизвик да пласираат на глобалниот пазар. Пред нас е шансата која треба да се искористи, сигурна сум дека заедно ќе постигнеме многу за развојот на меѓународната трговија врз основа на принципите на слободна и фер конкуренција" изјави Арсовска во Дубаи на првата седница на новата позиција.

Danela_Arsovska___1WCF.jpeg

Светската коморска Федерација како единствен глобален форум кој ги обединува стопанските комори од целиот свет, делува на зајакнување на врските меѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис заедницата во најрелевантните светски организации како Организацијата на Обединети Нации ООН, Г20, Светската Трговска Организација, како и Европската Банка за обнова и развој. 

Советот на Светската Коморска Федерација со седиште во Париз, секоја година организира глобален настан на различен континент, минатата година отпочна со реализација на стратешките цели во Кина, а годинава глобалната агенда ја објави во Дубаи.

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска ги реализираше редовните консултации со Мисијата на меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од  Џесмин Рахман  шеф на Мисијата на ММФ за Македонија, која е во посета на нашата земја од 8 до 16 ноември, со цел да спроведе годишен преглед на македонската економија.

На средбата се дискутираше за предизвиците на приватниот сектор и деловниот амбиент во земјата. Арсовска ја истакна важноста од спроведувањето на структурните економски реформи како приоритет и стратешка определба на земјата што би ја придвижиле економијата забрзано напред. Суштината како што рече, е континуитет на реформите, како и овозможување предвидлв бизнис амбиент за приватниот сектор како би можеле со сигурност да креираат повеќе годишни планови и да не се воздржуваат од инвестиции.

„Се додека нема национален консензус дека економските реформи треба да се приоритет,  не можеме да очекуваме било каков напредок. Структурните економски реформи треба да се зацртани како идна сигурна стратегија, која без отстапка ќе се имплементира во следните години. Предвидливоста во овој момент ни е најголем проблем бидејќи брзите промени на легислатиата треба да се пракса на минатото“, истакна Арсовска.

Дополнително беше дискутирано за неформалната т.е сивата економија која е еден од најголемите предизвици за сите сектори во стопанството бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги ставаат во повластена положба оние кои регистрирано работат  и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори.

На средбата се дискутираше за важноста на владеењето на правото како клучен приоритет за инвестирање на компаниите во Република Македонија.

ССК остварува редовни консултации со мисијата на ММФ, во јуни годинава Арсовска оствари средба со Рахман, во Скопје на која меѓу другото се дискутираше и за минималната плата и реформите за покачување на животниот стандард.

Страница 8 од 10