Претседателот на Управен одбор и генерален директор на АДИНГ, Благоја Дончев е добитник на наградата за животно дело во средна и југоисточна Европа, „Креатори на столетието“.

Во избор помеѓу 411 кандидати од 8 земји од регионот, меѓународниот комитет за доделување награди и признанија „Креатори на столетието“ награди 56 компании, организации и лица од 6 земји, како најзаслужни за развојот на претприемништвото во средна и југоисточна Европа. Од македонските претприемачи и компании наградени беа и компаниите Халк Банк, Адора Инженеринг“ и „Киро Дандаро“.

„Секако дека едно вакво признание за животно дело, претставува чест за мене како генерален директор на АДИНГ. Уште повеќе што годинава одбележуваме 50 години од нашето постоење, а целиот професионален век речиси 40 години, го поминав во компанијата“, вели Благоја Дончев, Претседател на управен одбор и генерален директор на АДИНГ АД Скопје.

„Креатори на столетието“ го доделува Меѓународниот економски форум „Перспективи“ и Меѓународниот комитет за доделување награди и признанија „Креатори на столетието“ од Хрватска, во рамки на Регионалниот самит на претприемачи од Средна и Југоисточна Европа „300 најдобри“. Самитот годинава се одржа од 22 до 24 март 2019 година во Дубровник, а го најавија и Светскиот конгрес на претприемачи „Северна Македонија 2019“, кој годинава ќе се одржува во Скопје во октомври.

Mastercard во вторникот соопштил дека нeговиот квартален профит се зголемил за 27 проценти, објави Reuters.

Силниот американски пазар и бум на онлајн купувањето го зголемиле обемот на трансакции преку платната мрежа на компанијата, според изјавата на Mastercard.

Нето добивката се зголемила на 1,9 милијарди долари или 1,8 долари по акција во првиот квартал заклучно со 31 март, во споредба со 1,5 милијарди долари или 1,41 долари по акција од претходната година.

Компанијата заработила 1,78 долари, додека аналитичарите очекувале нето приход од 1,66 долари по акција, објави Reuters.

Постигнување квалитет како основен критериум врз кој е потребно да се заснова процесот на спроведување на јавните набавки, преку кои во земјата се трошат до една милијарда евра годишно, во моментов е и еден од најголеми предизвици во постапките. Можностите за корупција поради вклученост на големи финансиски средства и директен контакт меѓу јавниот и приватен сектор се големи, а потребно е да се вложат сите напори тоа да се елиминира. Слабостите кои деловната заедница ги детектираше и кои се потенцијална опасност за нетранспарентна постапка со цел склучување коруптивни зделки при јавните набавки се уште постојат, бидејќи не беа интегрирани клучните барања на приватниот сектор во Законот за јавни набавки кој сега во својата нова форма повторно има значителни недостатоци.

Една позитивна промена од старото законско решение е што во новиот Закон за јавните набавки од 1 април годинава се напушти концептот на најниска цена со прифаќање на „економски најповолна понуда“, каде се земаат предвид критериуми како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, цена или трошоци со користење на пристапот на исплатливост и слично, што беше и едно од барањата на деловната заедница.

Сепак, уште пред носењето на законското решение се детектираа и посочија голем број слабости, особено за тоа на кој начин ќе се применува новиот модел, бидејќи направен е сериозен пропуст со тоа што не се вклучени забелешките на деловната заедница во неговото изготвување. Се поставува прашањето кој ќе учествува во јавните набавки ако не компаниите, чии искуства институциите кои ги изготвуваат актите не ги вклучуваат за да се отстранат досегашните недостатоци, туку си ги кројат актите по своја мерка.

Дополнително, до крај на септември годинава, предвидено е да се донесат 18 подзаконски акти со кои ќе се допрецизираат низа битни прашања утврдени во законот, како на пример набавка од мала вредност, електронски пазар и каталог и слично. Според последните информации, надлежните институции веќе имаат донесено одредени подзаконски акти, а дел се во подготовка.

На почетокот на месец април, на последната од редовните консултативни средби на Сојузот со делегација на Европската комисија, а во присуство на компании од повеќе сектори на тема јавни набавки, беше детектирано што ќе произлезе како недостаток во пракса предизвикано од непрецизирање на регулативата. 

Подзаконската регулатива има за цел допрецизирање на материјата опфатена во Законот за јавни набавки, при што сериозен проблем е доколку претставниците на приватниот сектор не бидат консултирани за отстранување на детектираните недостатоци во нејзиното изготвување, затоа што од компаниите потоа ќе се очекува да го имплементираат квалитетно законското решение. 

Eдно од барањата на деловната заедница беше, за спроведување на критериумите за избор на економски најповолна понуда да се изработат подзаконски акти  за најважните индустрии поединечно, бидејќи има големи разлики во критериумите кои можат да се истакнат пример за јавна набавка во градежништвото или во трговијата како гранки кои имаат различни специфики. За истото беше истакната потребата од донесување на правилници со упатства кои ќе укажуваат на специфични критериуми за секоја индустрија поединечно, за прецизирање и точно утврдување по кои услови ќе се избере економски најповолна понуда со што ќе се минимизираат можностите за слободно толкување и за злоупотреба. Состојба на делумно применлива регулатива со големи можности за злоупотреба е неприфатлива, неопходно е во соработка со стопанството да се одреди прецизно начинот на реализација на изборот на најповолна понуда.

Воедно, потребно е да биде воспоставен систем на контрола кој ќе овозможува поголема транспарентност не само во изборот на најповолна понуда туку и врз реализацијата на договорите, дали тие се исполнуваат согласно тендерската документација и понудата, како и дали од страна на институциите навремено и согласно договорите се подмируваат финансиските обврски. Единствено така ќе добиеме квалитетнo решениe кое ќе биде применливо во пракса со минимална можност за корупција и злоупотреби, ќе обезбеди лојална конкуренција на пазарот и еднаков третман за сите.

Земјоделство, градежништво, текстилна индустрија беа во фокус на средбата во Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) со Стопанската комора Бандирам од Р. Турција. Делегацијата на стопанственици од Бандирма ја предводеше г. Мехмет Килкисли, претседател на одборот на директори кој на средбата со извршниот директор на Сојузот, Александар Зарков, ги истакнаа интересите за заедничка соработка и зајакнување на трговските релации.

На средбата се дискутираше за потенцијалите за соработка помеѓу македонските и турските компании, склучиување партнерства како и настап на трети пазари. Сојузот остварува одлични релации со водечки стопански комори на Турција со заложби се зголемување на трговската размена со Република Турција.

Трговската размена меѓу двете земји минатата година изнесуваше 442 милиони евра, со што Р. Турција е наш осми трговски партнер во надворешната размена.

Улогата на внатрешната и екстерната ревизија во заштитата на акционерите и заинтересираните страни и квалитетот на финансиското известување и интерните контроли беа главните теми на кои дискутираа претставниците на ревизорската професија, финансиската и деловната заедница и регулаторните институции во рамките на едукативниот настан The Journey to Audit Challenges/Во чекор со предизвиците на ревизијата, што го организираа Здружението на внатрешни ревизори и Институтот на овластени ревизори.

На панел дискусијата со наслов Квалитетот на финансиското известување и Интерните контроли – Уверување помеѓу Менаџментот, Интерната и Екстерната ревизија говореа Глигор Бишев, генерален извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија, Тони Стојановски, генерален директор за управување со ризици на Стопанска банка АД – Скопје, Марија Ефремова, советник на гувернереот на НБРМ, Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза и Срѓан Ранѓеловиќ, партнер во КПМГ Северна Македонија.

Во рамкиите на соработката со грчкиот Институт на интерни ревиозори клучни предавачи беа Verra Marmalidou, претседател на Институтот и Epaminondas Chandros, менаџер на Attica Group.

Централната банка на Германија (Бундесбанка) и Централната банка на Австрија до петок (26. Април) ќе ја издаваат банкнота од 500 евра, со што ќе престане издавањето на оваа банконота. Претходно во јануари годинава, 17 централни банки во еврозоната го запреа издавањето на оваа банкнота по одлука на Европската централна банка (ЕЦБ).

Германската и австриската банка беа избрани да продолжат со печатење на банкнотата поради непречена транзиција и од логистички причини.

Постоечките банкноти во апоени од 500 евра ќе продолжат да бидат законско платежно средство, што значи дека граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат за плаќање или за штедење. Банките, менувачниците и другите комерцијални странки, како што соопшти ЕЦБ, ќе можат да ги зачуваат во оптек постоечките банкноти од 500 евра.

 

Банкнотата од 500 евра секогаш ќе ја задржи својата вредност и ќе може во секој момент да се замени во која било банка во еврозоната.

Европската централна банка во 2016 година одлучи да го запре издавањето на банконотата откако утврди дека поради вредноста и лесниот транспорт се користи за перење на пари, но  и за финанисрање на тероризам.

Лани над 30 отсто од 1.000 милијарди евра готовина во оптек биле во апоени од 500 евра.

Традиционално и годинава се одржа Кнауф Академијата чија главна цел, иста како и на останатите настани, семинари и обуки организирани од тимот на Кнауф во Македонија во изминативе години е да се унапреди квалитетот на градењето, а следствено на тоа и да се подобратусловите вокои живеат и работат граѓаните на Македонија.

На овогодинешната Кнауф Академија присуствуваа професионалци од оваа сфера од Македонија, ноја посетија и соработници и партнери на Кнауф од земјите во регионот: Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Косово и Грција. 

IMG_9026.jpg

 

На овој настан учесниците имаа можност низ предавања и интерактивни работилници да се информираат за најактуелните трендови, техники и производи кои излегуваат од гигантот во оваа индустрија – германскиот Кнауф. Се разговараше за имплементирање на нови технологии и трендови базирани врз германски и светски стандарди. Беа демонстрирани новитети од системите за сува градба, малтери, фасади, подови и други решенија од големата палета производи и системи од овој светски бренд во градежништвото.

 

IMG_9132.jpg

„ Ми претставува особена чест и задоволство што повторно и во поголем број присуствувате на оваа академија која што е еден вид платформа за комуникација со вас, изведувачи, архитекти, инвеститори, соработници и клиенти. Сакаме несебично да ви го пренесеме целото знаење кое што ние и нашиот тим го имаме стекнато низ овие 100 години поестоење, а јубилејни 25 во Македонија. Стотици инженери постојано работат на нови производи, нови решенија во градежништвото и истите несебично преку оваа платформа ќе ви ги пренесеме вам.’’– изјави Тодор Деловски - Регионалниот директор на Кнауф за Исток – Југозапад.

IMG_8931.jpg

 

Академијата е практичен придонес на Кнауф и членките на групацијата Knauf Insulation и Aquapanelза постојана едукација и информирање во врска со најновите достигнувања во современото градежништво. Академијата е веќе институција која несебично придонесува не само за развој во образовните институции (средно и високо образование) поврзани со градежништвото во Македонија, туку и на малите фирми и трговци - поединци преку разни обуки и советувања. За таа цел, освен во Дебар, Кнауф од почетоците основа своја канцеларија и во Скопје чија цел е да помогне во напорите да се подигне нивото и стандардите за градежништвото во Македонија, редовно информирање за трендовите на градежниот бизнис во светот и советување на секој кому му е потребен совет при градењето. Токму ова го диференцира Кнауф од „обичните“ продавачи на градежни материјали.

IMG_9148.jpg

Оваа година Кнауф одбележува 25 години од своето основање во Македонија која е една од 80-те земји од коишто Кнауф е дел. Денес Кнауф се смета за водечки производител на материјали и системи за градба како во Македонија така и на глобално ниво. Кнауф ги произведува и продава своите производи на 5 континенти во 220 свои фабрики со околу 28.000 вработени. Во текот на своите речиси 100 години постоење Кнауф гледал на своите потрошувачи како на свои партнери. Поддршката и советувањето на сите наши купувачи и партнери има една цел: ако купувачот има идеја за градба или реновирање, Кнауф е тука да ја претвори таа идеја во реалност. А доколку купувачот има предизвик, Кнауф со своето знаење, технологија, искуство и традиција сака да е дел од решението. Компанијата е долгогодишен член на Градежната комора во Сојуз на стопански комори на Македонија.

На 43 то Генерално собрание на ЕУ-ФМД (Европска комисија за справување со Лигавката и шапот) при ФАО, кое се одржа на 17-18 Април 2019 година во седиштето на ФАО во Рим, за член на извршниот комитет е избран директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија – Зоран Атанасов.

-Повторно ми е дадена доверба во следните четири години да бидам меѓу шесте членови на извршниот комитет. Голема доверба од страна на членовите на собранието но и потврда на досега сработеното во минатиот период- изјави Атанасов и додаде дека најголемиот новитет е во тоа што покрај тековните и идните активности на ЕУ-ФМД, во справувањето со ширењето и сузбивањето на прекуграничните болест кои брзо се шират кај животните, се закана по нивното здравје и живот, а и предизвикуваат огромни економски штети, ќе биде користено искуството кое го има ЕУ-ФМД, и кое досега се покажа успешно во спречувањето и сузбивањето на ваков вид на болести.

Од страна на Царинската управа само во текот на 2018 година спречени биле 40 обиди за шверц на цигари при што цариниците откриле 345 042 парчиња цигари и други тутунски производи. Шверцот на тутунски производи е најчест и штетите од истиот се најголеми, а предмет на шверц подеднакво се и тутунски производи но и режан тутун.

Штетите од шверцот во ден се зголемуваат пропорционално како се зголемува и обемот на шверцот, со оглед на фактот дека Царинската управа редовно запленува шверцувана роба, но не е познато колку поминало. Единствениот индикатор за тоа е зголемувањето и зајакнувањето на црниот пазар на тутунски производи. А штетите се далекусежни и неброени, почнувајќи од намалувањето на приходите во буџетот од акцизите и ДДВ-то, според некои проценки државата губи повеќе од 18  милиони евра годишно. Последователно на тоа е намалување на обемот на работа на тутунските компании затоа што пазарот се намалува, а поврзано со тоа трпат и тутунопроизводителите заради намелените засадени количини. А шверцуваниот тутун и тутунските производи е под радарот не секоја анализа за чистина и исправност, така што купувачите на знаат што користат. Според анализи на царинската управаконцентрациите на катран во шверцуваните цигари и режан тутун биле дури за 4 пати поголеми од дозволеното според прописите усогласени и со директива на ЕУ.

И покрај сите обиди да се спречи нелегалната трговија, шверцерите и понатаму успеваат шверцуваниот тутун да го донесат на пазарите. Но, зошто тутунот и тутунските производи се најчест предмет на недозволена трговија.

Лесен е и дозволува трансфер на големи количини, не е компактен така што може да се сокрие на различни места.Начините на криење и прикривање стануваат сè посложени, поинвентивни и пософистицирани. Шверцерите постојано наоѓаат нови и нови начини како да го пренесат незабележано. Сето тоа се следи, но секогаш се чекор понапред со нивната „креативност“ во нелегален трансфер и изнаоѓање нови начини за да се сокрие. Во специјално конструирани бункери во резервоарите за гориво, во вреќи со ориз, во скриени прегради од багажот, во резервната гума под патосницата и слично.

Недоволно контрола на пазарите и лесно се продава а некогаш воопшто не стига на пазар, односно се продава од дома со телефонски нарачки или претходно договорена сума и цена.

Граѓаните, несвесни за огромните штети ја користат можноста, што за сметка на неплатените акцизни трошоци и ДДВ шверцуваниот тутун е поевтин и го купуваат по пониска цена. Истовремено не знаат дека со секое купување тутунски производ кој стигнал до нив по нелегален пат, учествуваат во синџирот на предизвикување штети од огромни размери и несвесно го поддржуваат.

До 2023 година во земјава ќе влезат 420 милиони долари за инфраструктурни проекти и за вложување во човечки ресурси. Парите се од Светска банка и ќе се влечат периодично, зависно од проектите кои ќе ги одобрува бордот на директори на оваа меѓународна финансиска институција. Според планот, за изградба и реконструкции на локални патишта ќе бидат одобрени 70 милиони долари.

За олеснување на трговијата и транспортот за Западен Балкан предвидени се 26 милиони долари. Поголемиот дел од парите ќе бидат за наменети за проекти поврзани со образованието, социјалата, здравството, енергетската ефикасност, но пред се во доменот на човечкиот капитал. Од 420 – те  милиони долари, поголемиот дел се неповратни средства, но има и заеми кои се договорени со многу ниска каматна стапка, велат од министерството за финансии.

Освен министерот за финансии Драган Тевдовски на средбите со претставниците со Светска банка е и гувернарката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

Висока делегација на Сојузот на стопански комори (ССК) предводена од претседателот Данела Арсовска, традиционално и годинава учествува на 8. Самит и Економски форум на шефовите на Влади на Н.Р. Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Во рамки на Економскиот Форум на кој учествуваат над 1000 делегати, се остварија средби во насока на понатамошното проширување на соработката со Кина и земјите од Централна и Источна Европа, како дел од платформата 16 + 1 а во фокусот годинава е трансферот на знаења и технологии.

„Извоз, инфраструктура, иновации, инвестиции се во фокусот на годинешниот 16+1 Економски Форум на тема Градење на нови мостови преку отвореност, иновација и партнерство. Секоја година од отпочнувањето, Сојузот е вклучен во иницијативите на НР Кина за зголемување на деловната соработка, со посебен акцент на промовирање на кинескиот мега проект „Еден појас, еден пат" за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток. Годинава, особен акцент е ставен на иновациите како глаболен тренд кои ја зголемуваат конкурентноста и генерира раст во сите сектори на стопанството и се еден од најважните двигатели на економски развој во современите економии. Одржливиот економски раст во голема мера зависи од степенот на инвестиции во технологии, истражување и иновации. Пред две години во Унгарија остваривме успех со потпишување на 7 договори за трговски партнерства со НР Кина, а минатата година во Бугарија ја воспоставивме билатералната платформа за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од двете земји, за зголемување на трговијата и заедничките вложувања на нашиот пазар. Годинава, потпишуваме договор за дополнително зајакнување на добро воспоставените деловни релации и склучување нови партнерства, преку трансфер на знаења и технологии, изјави Арсовска и додаде дека пред нас е можноста од прва рака да се добијат информации за вклучување во проектите кои годинава ќе бидат во фокусот со оглед на тоа што секој Самит резултира со прецизни насоки кои поставуваат конкретни цели за следната година.

Економскиот форум и индивидуалните состаноци со претставниците од Н.Р. Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа годинава е во организација на хрватското Министерство за економија, претприемништво и занаетчиство. Претседателот на ССК, е потписник на единствениот договор на Балканот за економска соработка со Кина со што за македонските компании е отворен пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.

Нашата вкупна трговска размена со Н.Р. Кина во 2018 година изнесува речиси 500 милиони евра, остварен е извоз од околу 56 милиони евра, а увоз од скоро 440 милиони евра. Во 2017 година, трговската размена била 448 милиони евра, со остварен извоз од околу 55 милиони евра и увоз од 392 милиони евра. Во следната година потребно е активно да се делува кон намалување на трговскиот дефицит преку имплементација на склучените актуелни трговски договори.

Согласно анализите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кинеските инвестиции во регионот растат, а се очекува и нивно дополнително зголемување во наредните години. Како што се наведува, порастот почнал по првиот регионален самит во 2015 година, кога челниците на Кина со лидерите на земјите од регионот договорија зајакнување на економските врски. Според податоците на ММФ, најмногу кинески инвестиции се реализирани во Србија, со вкупна вредност од 2,6 милијарди евра, а потоа во БиХ – 2,1 милијарди.

Соработката на Народна Република Кина со земјите од Источна и Централна Европа започна во Будимпешта, а продолжи на состаноците во Варшава во април 2012 година, Букурешт Романија (2013); Белград, Србија (2014); Суџоу, Кина (2015), Рига, Латвија (2016), Будимпешта, Унгарија (2017), Софија, Бугарија (2018).

Страница 4 од 10