Преку новото партнерство со Дел (Dell EMC), Неоком АД го збогати своето портфолио на опрема и услуги, нудејки им на своите корисници поголем избор на производи и решенија од водечките светски компаниии од областа на ИКТ.

Неоком АД ја надогради соработката со уште една од водечките светски компании од областа на информатичко-комуникациската технологија - Dell EMC на ниво „Златен партнер“. Соработката меѓу двете компании на потрошувачите ќе им донесе високотехнолошки ИКТ решенија, супериорна корисничка услуга и напредни крајни кориснички уреди (преносни компјутери, десктоп единици и висококвалитетни монитори).

Покрај ова, високото партнерско ниво е поткрепено и со достапност на висококвалификувани инженери кои се сертифицирани да одговорат на сите стручни барања на пазарот за воведување најнови ИКТ решенија и врвна корисничка поддршка. Неоком АД со ова ја потврдува својата квалитетна информатичко-технолошка експертиза, која во целост може да ги задоволи потребите на бизнис процесите на компаниите и на потрошувачите.

„Наша мисија е постојано да нудиме најдобри решенија за нашите клиенти, кои се базирани на современите трендови и иновации и нудат одлична поддршка за развој на компаниите. „Златното“ партнерство со Dell EMC е потврда за високиот капацитет на нашата компанијa, но и за стручноста и професионалноста на нашиот тим. Верувам дека со тоа го поттикнуваме и севкупниот развој на ИКТ индустријата во земјава,“ истакна Горан Кубелка, технички директор на Неоком АД.

Преку партнерската соработка со Dell EMC, Неоком АД дополнително го надогради своето портфолио на опрема и услуги од водечките светски компании од областа на ИКТ. Како кориснички ориентирана компанија Неоком АД постојано ги следи потребите на пазарот континуирано работејќи на развој и имплементација на најновите трендови од ИКТ решенијата и услуги во насока на задоволување на потребите на корисниците.

Неоком АД е една од водечките компании во ИКТ секторот, со речиси 30 годишно искуство во својата дејност. Во своето богато портфолио на услуги Неоком АД им нуди на своите корисници комплетни ИКТ решенија по принципот „клуч на рака“, решенија за безбедност на податоци, комплексни системи за комуникација и решенија креирани според специфичните потреби на корисниците. Сето ова надополнето со портфолиото на услуги во облак (neoCloud) на корисниците им овозможува брза и лесна транзиција во дигиталната трансформација.

Следејки ги потребите на корисниците, во 2004-та година Неоком АД го основаше Неотел - телекомуникациски и интернет оператор, нудејќи им на своите клиенти врвни услуги и во овој сегмент.

Каматните стапки на банкарските кредити во Македонија се се уште релативно високи. Македонските граѓани на банките им плаќаат камати кои се повисоки во однос на оние во земјите од Западна Европа. Сепак, според Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Бежоска, каматните стапки кај нас не се разликувале многу од оние во регионот и оти во целиот пост кризен период каматната стапка на Централната банка се намалила значајно и таа во моментот изнесува 2,25% што е на историски најниско ниво за домашната економија.

487 фирми аплицирале во Фондот за иновации годинава, што значи дека двојно е зголемен интересот на фирмите за разлика од лани. Ова го изјави директорот на Фондот Јован Деспотовски. Првиот јавен повик заврши на 15 мај. За целата година предвидени се средства во вредност од 10 милиони евра, а 5 милиони евра ќе бидат распределени на фирмите кои ќе ја поминат евалуацијата која треба да заврши во јули.

Деспотовски истака дека критериумите се исти како лани. До сега компаниите не доставиле пријава дали во сопственичката структура има лица на функционери. Годинава аплицирале и 35 приватни здравствени установи.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев истака и дека во зависност од тоа колку фирми ќе добијат финансиски средства од фондот, има можност и за ребуџетирање.

Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ги пушти во оптек редизајнираните банкноти од 100 и од 200 евра, стои во официјалното соопштение на банката. Банкнотите се последните во низата кои ја сочинуваат серијата Европа, како дополнение на оние од 5, 10, 20 и 50 евра.

Тие се помали, подолго траат и “поседуваат“ иновативни безбедносни карактеристики коишто оневозможуваат фалксификување Според ЕЦБ, бакнотата од 100 евра е трета најшироко користена евро банкнота веднаш по онаа од 50 евра и 20 евра. Од банката додаваат и дека побарувачката за банкноти од 100 и 200 евра се зголемува со годишна стапка од 7,6% за таа од 100 и 8,6% за бакнотата од 200 евра. Старите банкноти од 100 и 200 евра остануваат во промет и постепено ќе бидат заменувани.

Бензините на пупмпите на „Макпетрол“ поскапуваат за еден денар, а дизелот за два.

Новите цени ќе изгледаат вака:

  • Ultra 95+ Economy ќе се продава по цена од 72,00 денари за литар;
  • Ultra 100 Race Pro ќе се продава по цена од 74,00 денари за литар;
  • Ultra Diesel Green Power ќе се продава по цена од 66,00 денари за литар;
  • Ultra Diesel Bio Power се ќе се продава по цена од 67,00 денари за литар;
  • Екстра лесното ќе се продава по цена од 54,50 денари за литар.

Поскапувањето е дојдено поради зголемувањето на цената на нафтените деривати на светските берзи, информираат од „Макпетрол“ АД Скопје, а овие цени ќе важат до 21ви месецов.

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа форум на тема: „Механизми за елиминација на сивата економија, имплементација и очекувани резултати“, во организација на Сојуз на стопански комори на Македонија. На високо ниво, претставниците на Владата, домашни и странски експерти, професори и истакнати стопанственици дискутираа за најголемите предизвици на компаниите во борбата со сивата економија, конкретни решенија за нејзино сузбивање како и очекуваните ефекти за стопанството и економијата од воведување  на нерегистираните субјекти во системот. Претседателот на Сојуз на стопански комори (ССК), Данела Арсовска во своето обраќање истакна декасивата економија ја поткопува конкурентноста на компаниите и интегритетот на целиот наш даночен систем.

„Со отворена дискусија за овој голем проблем кој е заеднички за сите сектори на стопанството, бараме конкретни чекори од страна на институциите како носители на механизмите за справување со сивата економија. Предложени мерки се имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, но и здружена акција на граничните премини за спречување шверц.  Да се отпочне на постапка за доброволна регистрација во прва фаза за нерегистрираните субјекти, доколку одбијат да се регистрираат да се применат репресивни мерки со изрекување на значителни глоби, бидејќи доколку не се превенира оваа нелојална конкуренција се ризикува и регистрираните да преминат во сивата зона но и да се дестимулираат и да не се регистрираат претприемачите и сите оние кои се охрабриле да се самовработат.“ изјави Арсовска и додаде дека единствено со функционален механизам може да се справиме со сивата економија, која не придонесува во буџетот и ги руши основите на еднаквост врз кои се темели пазарниот систем.

Зоран Шапуриќ, министер задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија истакна дека следејќи ги поновите истражувања и искуства, казнените мерки не се единствен инструмент за намалување на неформалната економија.

„Покрај ова, заложбите исто така треба да бидат во насока на системски мерки на даночна политика, дерегулација, мерки за зголемување на даночниот морал, мерки за намалување на корупцијата и реформа на даночната администрација. Оттука, сите напори се насочени кон секторско или здружено делување од аспект на регулаторно и деловно опкружување, јакнење на институциите на пазарот на труд, зголемување на инспекцијата на тековите на неформалната економија и подигнување на пошироката јавна свест со бизнис заедницата за значењето и улогата на процесот на формализација на неформалните активности“, изјави Шапуриќ.

Љубомир Димовски, директор на Проектот на УСАИД, Партнерство за подобра бизнис регулатива истакна дека негативните ефектите од сивата економија ги чувствуваме веќе неколку декади, но веројатно сите компании, институции, владини претставници, би се согласиле дека заедно треба да најдеме решение и стимул како неформалното делување ќе се канализира во формалната економија.

„Овој процес треба да биде постепен и да резултира со трансфер на што е можно поголем број на субјекти во формалниот дел од економијата. Превентивното функционирање на инспекциските органи како едукатори и помагачи ќе придонесе за менувањето на моменталната перцепција дека сивата зона е и безбедна зона на работење. Покрај директни мерки мора да се размислува и за подигнување на јавната свест за последиците од неформалното работење. Неселективното спроведување на законите, едукација на претприемачите, регулирање на „дивите“ места за продажба, се идеи кои веќе треба да добијат конкретни контури. Неопходно е систематски да се намали и притисокот врз компаниите кои работат регуларно, затоа што во спротивно ризикуваме неусогласеност или затворање на субјектите поради борбата со нелојалната конкуренција и огромните потешкотии да се опстои на пазарот“, изјави Димовски.

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива го спроведува „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Кочо Анѓушев, вицепремиерот за економски прашања, рече дека е задоволен од тоа што увозниците на дизел и дриги нафтени горива не го злоупотребиле привремено нерегулираниот пазар и не ги поскапеле цените во малопродажбата денеска. Цените што биле дефинирани на бензинските пумпи, според Анѓушев, се исти како што би се формирале од стран ан Регулаторната комисија за енергетика, која не може да ја примени новата методологија до 20 мај поради законски вакум.

- Тие направија еден коректен пристап кон пазарот и не ги зголемија цените, иако пазарот во овој период е либерален, се до донесувањето на методологијата - изјави денеска вицепремиерот.

Тој додаде дека не верува во тоа дека во иднина моќе да се јави монополско здружување затоа што новиот Закон за енергетика ќе постави максимален праг на цените. Вели дека самите компании ќе имаат слободен избор да си ја определуваат маржата, но не повеќе од она што ќе го дозволи РКЕ, со цел да се заштитат потрошувачите и индустријата.

Статистичките податоци покажуваат дека 97 отсто од програмите што се реализираат во делот на иновациите и технолошкиот развој се реализираат преку Фондот, само три проценти се реализираат преку неколку други институции и би требало да се интегрираат за да биде и поефикасна поддршката и да се избегне удвојување на програмите

Агенцијата за поддршка на претприемништвото да се припои кон Фондот за иновации препорачува Студија на ЕУ побарана од Фондот. На овој начин се очекува да се заштеди во однос на вработените и поедностави работењето, а компаниите на едно место ќе имаат информација за финансиската помош од државата.

Препораките се однесуваат на самите програмите, како и на институционалниот дел.

– Нивните статистички податоци покажуваат дека 97 отсто од програмите што се реализираат во делот на иновациите и технолошкиот развој се реализираат преку Фондот, само три проценти се реализираат преку неколку други институции и би требало да се интегрираат за да биде и поефикасна поддршката и да се избегне удвојување на програмите – појасни директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

Конкретна препорака е функциите на Агенцијата за поддршка на претприемништвото треба да се интегрираат во рамки на Фондот за иновации, од причина што Агенцијата нуди техничка поддршка за компаниите што Фондот во моментов ја развива, што, според Деспотовски, значи нема оправданост да се вработуваат нови луѓе во Фондот, а такво нешто веќе постои во друга државна институција.

Освен Агенцијата, во рамки на студијата се разгледувани сите институции што даваат некаков тип финансиска поддршка кон економијата, како Македонска банка за поддршка на развојот, Агенцијата за странски инвестиции, Дирекцијата за технолошки и развојни зони. Но, тука, како што појасни директорот на Фондот, не се зборува за конкретно припојување, туку се разледувани како еден систем што треба да почне да функционира.

Wizz Air, најголемата нискотарифна авио-компанија во Централна и Источна Европа, прогласена е за авио-компанија за 2019 година, како дел од кампањата 2019 Air Transport Awards, единствената меѓународна награда која ги наградува сите најважни категории во воздушниот сообраќај.

“Почестени сме со фактот што сме препознаени како авио-компанија на годината. Оваа награда е резултат на напорна работа и посветеност на неверојатниот Wizz тим, лојалност и доверба на нашите корисници и подршка од нашите партнери. Компанијата Wizz Air разви бизнис на работење на едноставна премиса со цел патувањето да го направи достапно за секого и на тој начин да се создадат можности за подобар живот и подобар свет во кој живееме, а оваа награда е уште една потврда дека сме на вистинскиот пат. Во иднина, Wizz Air ќе продолжи да го подобрува корисничкото искуство со воведување иновации и трудејќи се да им овозможи на сите да имаат можност да го разубават својот живот благодарение на патувањето”, изјавил заменик-извршниот директор и генералниот директор на Wizz Air Hungary, Стивен Џонс.

Претседателот на 2019 Air Transport Awards, д-р Костас Јатра порачал дека Air Transport Awards станува важен настан во авионската индустрија благодарение на посветеноста на организацијата и поединци во секторот за авијација, и дека е важно да се препознае и да се покаже почит кон најдобрите и да се слави нивното лидерство.

„Седумтемина величествени“ најголемите ланци малопродажни маркети за стоки од широка потрошувачка лани заедно оствариле приход што надмина половина милијарда евра, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи на „КАМ“, „Кит Го“, „Тинекс“, „Веро“, „Рамстор“, „Стокомак“ и „Жито Маркети“.

„КАМ“ е неприкосновено најголем учесник на пазарот. Приходите од продажба на овој ланец маркети лани надминале 130 милиони евра и тоа е најдобар резултат во историјата на постоење на овој трговски ланец. Неговите приходи пораснале за 13,4 отсто, а добивката за лани изнесува 3,4 милиони евра и таа е за 10 отсто пониска од 2017 година. Нето добивката е 2,6 отсто од целиот приход. „КАМ“ вработува 849 лица.

Според Месечниот статистички билтен на Македонска берза, најтргувани акции за април биле акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол. Со вкупно 442 трансакции, водат акциите на Комерцијална банка и зафаќаат 44,43% од вкупниот промет на официјалниот пазар.

Зад нив се акциите на Алкалоид со 232 трансакции, а трети се Макпетрол со 128 реализирани трансакции. Најголем пораст изминатиот месец е регистриран кај акциите на: Мермерен Комбинат Прилеп (23,41%), Скопски Пазар Скопје (10,33%), Стопанска банка Скопје – приоритетни акции (10%). Најголем пад имаат акциите на РЖ Услуги Скопје (-19.05%), Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) Скопје (-18,68%), Стопанска банка Скопје (-12,58).

Страница 3 од 10