Минатогодишната проверка на отпорноста на банките на можни неповолни услови за бизнис не била доволно ригорозна, заклучиле во средата европските ревизори, препорачувајки дека критериумот за избор на банките да биде ризикот, а не нивна големина.

Европската агенција за банки(EBA) ја проверува отпорноста на банките за можните неповолни услови за работење од 2011 година, по должничката криза во еврозоната во 2009 година, која поттикна стравувањата дека некои земји членки нема да можат правилно да ги сервисираат нивните должнички обврски.

Во извештајот објавен во ноември минатата година заклучиле дека ситуацијата во 48 банки од 15 земји во ЕУ и Норвешка, кои заедно сочинуваат околу 70 проценти од средствата на банките се најдобри откако почнале тестовите.

Европските ревизори, сепак, во денешниот извештај заклучиле дека можните шокови скицирани во таа проверка не вклучуваат доволно сериозни системски ризици за Европската унија во целина.

“Европските банки требаше да бидат подложени на проверки кои предвидуваат сериозни финансиски шокови”, предупредил член на ревизорскиот суд и координатор на извештаите Невен Матеш.

Сценаријата вклучиле излез на Велика Британија од ЕУ без договор за идните односи и драматичен пад на економските активности и според мислењата на ревизорите биле значително поблаги од оние кои произвеле глобална финансиска криза во 2008 година.

EBA исто така премногу се потпира на координаторите во земјите членки и користела поблаги сценарија и во случаи на земји со послаби економии, приговориле ревизорите.

Тестовите, исто така, не вклучуваат одредени особено слаби банки со образложение дека не се доволно големи.

Ревизорите ја пофалиле големата количина на собрани податоци но препорачале идните проверки да опфатат повеќе земји и изборот на банки да не се темели на нивната големина туку на ризиците кои претставуваат за европскиот финансиски систем во целина.

Народна банка, за периодот април-мај оценува поволни движења во економијата, видливи преку забрзаниот раст на трговијата и натамошниот раст на индустријата.

„Овие податоци, како и стапката на раст на економската активност од 4,1 проценти во првиот квартал од оваа година, којашто е блиска до проектираната, соодветствуваат со очекувањата за солиден економски раст оваа година. Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првата половина од годинава изнесува 1,2 проценти, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5 проценти за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за оваа година засега се оценуваат како урамнотежени“, велат од Народна банка по одржаната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

„Макпетрол“ ќе точи „зелена нафта“. Мерката за поддршка на земјоделците која доцни речиси две години конечно треба да почне да се спроведува од наредниот месец.

„Макпетрол“ ќе точи „зелена нафта“

„Макпетрол“ е компанијата која ќе точи зелена нафта. Нивната понуда била избрана како најповолна на тендерот што го распиша Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството (АФПЗРР).

„Седум економски оператори подигнаа тендерска документација а беше доставена само една понуда за набавка на дизел гориво за земјоделска механизација. Отворањето на понудите беше на 12 јуни“, велат од Агенцијата.

Тендерот беше во вредност од 200 милиони денари односно 3.2 милиони евра.

„До крајот на овој месец земјоделците ќе ги добијат првите картички за користење зелена нафта“, најави директорот на АФПЗРР, Никола Бабовски.

Компанијата која го доби тендерот има рок од 60 дена да ги изработи сите платежни картички кои ќе бидат персонализирани, а земјоделците ќе можат да купуваат исклучиво Еуродизел. Картичките ќе се доставуваат на земјоделците преку подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Мерката доцни речиси две години

Владата најавуваше дека зелената нафта ќе биде еден од првите мерки кои ќе се спроведе за поддршка на земјоделството. И по две години власт проектот се уште не е започнат.

„Изгубивме шест месеци во формирање на Владата, уште шест месеци за законските измени во Законот за земјоделство и рурален развој кои се однесуваа токму за зелената нафта беа заглавени во Собрание од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Откако тоа се заврши, се направи екипа која направи методологија по која ќе се субвениционира оваа зелена нафта“, објаснува Бабовски.

Помала субвенција од ветенето

Сепак, и субвенцијата е помала од онаа што беше првично ветена.

„Ќе ја субвенционираме нафтата за земјоделската механизација. Ова ќе го овозможиме преку намалување на акцизната давачка нафта за земјоделска механизација за 50%“ стои во предизборната програма на СДСМ, „План за живот“.

Сега поддршката е утврдена на 30% со можност во следниот период да биде зголемена на 50%.

Количината на субвенционирана нафта ќе зависи од големината на земјоделските стопанства со што според надлежните ќе се спречат можни злоупотреби. Со мерката ќе бидат опфатени 55 илјади земјоделски стопанства.

Акцизата беше зголемена за 3.5 денари

Додека земјоделците ја чекаат зелената нафта акцизата за дизел горивото кое и се користи за механизацијата беше зголемена за вкупно 3.5 денари уште пред година и пол. Ова сериозно влијаеше на трошоците за производство.

Земјоделците во повеќе наврати бараа одлуката да се преиспита а зелената нафта да се воведе што поскоро за да се амортизира ударот од поскапувањето.

„Механизацијата троши огромни количини гориво, не е тоа кола па да троши шест литри. Тоа сериозна сума на пари“ вели земјоделец од Пелагонија. „Горивото е една од носечките инвестиции за секој земјоделец. Апсолутно се зголемија трошоците преку зголемувањето на цената на нафтата: за заштита на растенијата, за орањето, за сите земјоделски активности“ објаснува тој.

Бизнис Иновацискиот Центар во Струмица (BICSR) заедно со Општина Берово и Општина Струмица учествуваат на меѓународната конференција на тема: „Социјални иновации како референтен модел и културно наследство“, во Мелпигано, Апулија, Италија.  Учеството е во рамки на Европската Програма, Eusave COSME, каде координатор е Општината Вимианзо од Шпанија заедно со Хрватска, Италија, Белгија, Португалија, Бугарија, Македонија и Латвија. Членовите на осумте меѓународни делегации ќе ги посветат овие работни средби за да ја продлабочат темата за социјални иновации. Оваа иницијатива на мрежата, е дел од планот за Европа со граѓаните, и ќе трае две години.

Отварањето на меѓународната конференција е во Апулија, Италија на која присуствуваа и  12  градоначалници од  Сојузот на Општините на Gracia Salentina. Целта на средбата е да се анализираат социјалните иновации како референтен модел за културното наследство и,  руралниот развој како и развој на туризмот воопшто.

Директорот на  Бизнис Иновацискиот Центар во Струмица, Ксенија Вангелова истакна дека од голема важност е  развојот на социјалните иновации со особен акцент на искористување на локалните културни добра и имплементација на иновативни дигитални алатки и апликации како нови форми или модели на деловни апликации во рамките на туристичката индустрија. Во таа насока, COSME Програмата  е одлична можност да се искористи оваа идеја, благодарение на Акциските  планови на општините  за развој на туризамот.

65633801_1120114421508349_1343119973781864448_n_002.jpgГрадоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски и претставникот на општина Струмица, Александар Милушев, ги презентираа  природните ресурси и културното наследство на Општините. Општина Берово е директен партнер на Мрежата на EUsave.

Градоначаникот на Општина Берово, Пекевски ја истакна важноста од учеството на овој проект земајќи предвид дека туризмот е еден од приоротетите во локалната развојна стратегија на општината. Пекевски истакна дека кога размислуваме за економски развој во малите и средните градови, културното наследство секогаш игра важна улога во секоја градска стратегија, особено во историските градови каде што валоризацијата на културното наследство останува една од најдобрите алатки за промовирање на социјалниот и економскиот развој. Меѓутоа, неколку фактори, како што се недостиг на финансирање, недостаток на експертиза за управување, ги спречуваат овие градови целосно да го искористат својот потенцијал, ограничувајќи го капацитетот за валоризирање на овие важни средства. Затоа учеството во овој Проект за Општина Берово е од големо значење.

Иако е 2 отсто во однос на пазарната цена на акцијата на „Витаминка“, износот на бруто дивиденда што ќе се дели за ланското работење во споредба со 2017 година е повисок за 25 отсто!

Најголемата македонска кондиторска индустрија ќе дели дивиденда на своите акционери, пишува во предлог одлуката за која гласаа на 11 јуни акционерите на годишното собрание. Бруто износот на дивиденда за секоја акција е 217 денари. Дивиденда за лани е за 25 отсто повисока во споредба со бруто дивидендата поделена за работењето во 2017 година. Воедно ова е втора година во низа „Витаминка“ да дели дивиденда на своите акционери.

Според предлогот за кој гласаат акционерите нето дивидендата за лани е 184,2 денари односно 3 евра за секоја акција со право на глас (со исклучок на акциите кои се во сопствен откуп н.з.). Според последната пазарна цена на таа акција која изнесува 10.700 денари приносот е околу 1,7 отсто по основ на исплата на дивиденда. Право на дивиденда добиваат сите иматели на акции кои во базата на ЦДХВ се регистрирани како акционери на 25 јуни година, а последен ден за тргување со право на дивиденда е 21 јуни годинава.

Добивката за 2018 година на „Витаминка“ изнесува 841.000 евра. Од нив акционерите распределија 507.000 евра за нови вложувања во компанијата, 267.000 евра за распределба на дивиденда и уште 67.000 евра за распределба на награди на менаџерскиот тим и на раководниот кадар на компанијата. 

„Витаминка“ е доминантно поседувана компанија од домашни акционери и тоа физички лица. Според официјални податоци од ЦДХВ 216 акционери поседуваат над 90 отсто од акциите со право на глас. Уште 13 домашни правни лица контролираат 8 отсто од акциите. Најголем поединечен акционер е Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор и тој контролира 29,5 отсто од акциите со право на глас. Неговиот син Сашо Наумоски, е генерален извршен директор, и сопственик на 7 отсто од акциите што го прави втор најголем акционер. Други покрупни акционери се Кирил Божиноски и Стеван Игнатоски со по 6 отсто од управувачките права, Марика Наумоска има 5,2 отсто од акциите и Наташа Стојковска поседува 5,12 отсто од управувачките права.

Хотел Панорамика Дизајн & Спа доби награда за водечки хотел во Република Северна Македонија од страна на Меѓународната туристичка манифестација ,,World Travel Awards“ – Оскарите во туризмот.

,,На 26-тата годишна церемонија што се одржа на 8 јуни во Мадеира, Р. Португалија, ги добивме нашите трофеи, со чувство на гордост, но и должност да продолжиме со добрата работа. Би сакале да им се заблагодариме на нашите гости за поддршката и огромна благодарност до нашиот персонал кој е посветен на давање искрена гостопримлива услуга.’’ –изјави Генералниот Менаџер Теодор Константакос.

Инаку „World Travel Awards“веќе 26 години ги идентификува најдобрите претставници од областа на туризмот и го наградува нивниот квалитет и успех во работењето.

 

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовка е во официјална посета на НР Кина, како дел од иницијативата на НР Кина 17+1 во која активно е вклучен и Сојузот. Во рамки на посетата предвидени се значајни средби со официјални владини претставници од  НР Кина, учество на форуми на иницијативата за соработка на Кина и земјите од Центална и Источна Европа како и посета на големи кинески корпорации, активности кои ќе ги зацврстат добро воспоставените деловни релации со НР Кина. Посетата на Арсовска, е продолжување на заложбите на Сојузот и активности за зголемување на можностите на приватниот сектор во рамки на иницијативата на НР Кина и земјите од  Централна и Источна Европа, кон која неодамна се приклучи и Република Грција.

Во рамки на официјалната посета, во Нингбо, Арсовска склучи договор за соработка со кој во платформата 17+1  следната година Македонија и Кина ќе преземат активности за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит со НР Кина.

Во Нингбо е лоциран центарот за увоз во Кина за земјите од Централна и Источна Европа и  македонски павилион каде 12 месеци во годината се промовираат македонски производи. Во центарот изложени се и повеќе од 3.000 видови на производи, од над 300 компании од земјите од Централна и Источна Европа. Зајакнување на трговијата и соработката меѓу македонските и кинеските компании е повеќегодишна заложба на Сојузот на стопански комори. Договорот кој го потпишавме во Нингбо за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит,  значи дека преку Сојузот, ќе даде нова димензија на можностите за пристап и можност за извоз и за реализација на сигурни партнерства на македонските со компании од НР Кина. Договорот е гаранција на заложбите на НР Кина во рамки на иницијативата со земјите од ЦИЕ за зголемена реализација на извозот, а со тоа кон  намалување на трговскиот дефицит, изјави Арсовска и додаде дека бројните иницијативи за соработка на Кина и земјите од ЦИЕ даваат резултати во повеќе сектори како ИКТ, земјоделство, здравство, индустриско производство.

Foto_Dogovor11.jpgДополнително, новина е тоа што наскоро малите и средните претпријатија, кои имаат многу важна улога во економскиот и социјалниот развој на земјите во рамките на 17 + 1 соработката преку единствена веб платформа ќе можат да пристапат со својата база на податоци и да воспостават директни контакти за соработка со цел реализација на деловни партнерства. Арсовска посочи дека воспоставување на новата платформата  за зајакнување на соработката помеѓу домашните компании со  компаниите од НР Кина, ќе значи дополнителна можност за зголемување на трговијата и заедничките вложувања за нашите компании.

Претседателот на ССК, е потписник на единствениот договор на балканот за економска соработка со Кина со што за македонските компании од 2015 година е отворен пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.

Нашата вкупна трговска размена со Н.Р. Кина во 2018 година изнесува речиси 500 милиони евра, остварен е извоз од околу 56 милиони евра, а увоз од скоро 440 милиони евра. Во 2017 година, трговската размена била 448 милиони евра, со остварен извоз од околу 55 милиони евра и увоз од 392 милиони евра.  Во следната година со договорот се иницираат активности за намалување на трговскиот дефицит.

Објавен е првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани на 11 парцери државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод. Компаниите што ќе сакаат да инвестираат ќе мора да издвојат 650.000 евра за изградба на централа од еден мегават. Потребена е банкарска гаранција од 75.000 евра, комуналната такса чини 10.000 евра и за приклочок на мрежата ќе треба да платат уште 20 до 30.000 евра во зависност од локацијата.

– Доколку сте компанија што знае што прави, банките тоа треба да го препознаат и со некое сопствено учество од 20 до 30 проценти може да отпочнете инвестиција, а остатокот да го земете како кредит. Значи секој оној што може да издвои 150 илјади евра сопствени средства може да учествува на овој тендер, или со други зборови секој што има два стана може да ги стави под хипотека и да учествува на овој тендер, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Сепак, компаниите немаат голема доверба дека двете општини имаат капацитети за навреме да ги завршат своите работи. Велат и дека трошоците не се така ниски, како што власта се обидува да ги претстави.

-И покрај тоа што државата обезбедила трошокот да биде на трошок на државата.... Мислам дека тој трошок не е за занемарување. Мислам дека е доста висока цената. 25 MW по просечна цена од 25.000 евра – 75.000 евра. Мислам дека е навистина висока за цена на приклучок, истакна бизнисменот Горан Паунов.

Анѓушев тврди дека првичната цена за приклочок била многу повисока, но владата успеала да издејствува таа да се намали.

Државата ќе ги заврши сите потребни административни процедури и ќе го пренамени земјиштето во градежно. Во двете општини ќе се градат електрани од 35 мегавати инсталирана моќност. Од кои, 25 во Свети Николе и 10 во Македонски Брод. Тендерот ќе трае до средината на август, а понудите ќе бидат отворени јавно. Парцели ќе добијат оние компании кои ќе побараат најмала поддршка од државата.

Успешното искуство на Халкбанк како прва екобанка беше главен мотив за воведување нова кредитна линија од сопствени средства на Банката во износ од 600 милиони денари за финансирање проекти со екокомпонента.

 

Кредитната линија е насочена кон поддршка на проекти што придонесуваат за заштеда на енергија и за зачувување на животната средина преку намалувањето на емисијата на јаглерод диоксид.

Како општествено одговорна компанија, Банката посветува големо внимание на вклучувањето на институцијата кон заедничките активности на заедницата во заштитата на животната средина.

Првата екокредитна линија на Халкбанк датира од 2011 година. Во изминатите 8 години, Банката финансираше над 6 илјади проекти во вкупен износ од над 36,6 милиони ЕУР.

 

Проектите се главно во делот на поддршка на инвестиции за населението во енергетски ефикасни компоненти за резиденцијални објекти, иако не изостануваат и екопроектите во делот на малите и средни претпријатија.

Банката во соработка со финансиски институции – партнери има развиено програма за следење на ефектите од финансираните проекти во делот на заштедата на енергија и намалувањето на емисијата на јаглерод диоксид.

Халкбанк е горда на остварените резултати од финансираните проекти со екокомпонента во изминатите 8 години.

Во 2018 година, заедно со нашите 6 илјади клиенти, преку проектите поддржани со кредитната линија за екокредити, успеавме да ја намалиме емисијата на јаглерод диоксид за 37 илјади тони годишно, односно да заштедиме електрична енергија во износ од 130 илјади MW/h.

Исто така, од огромно значење е придонесот на Банката за подигнување на свеста на населението и на компаниите во делот на екологијата и заштитата на животната средина.

Преку успешно реализираните екопроекти се покажа дека со инвестирањето во енергетски ефикасни проекти може да се оствари двоен ефект, односно и да се заштеди и да се влијае врз намалувањето на загаденоста.

Имајќи ги предвид позитивното искуство и мерливите ефекти, Банката продолжува со поддршка на физичките и на правните лица – инвеститори и истовремено ги повикува сите компании што имаат производи со енергетски ефикасна компонента да пристапат кон Банката, со цел да ги поддржи нивните продажби со различни техники на финансирање кон крајните корисници.

Мерењата на Државниот завод за статистика го екипираше економскиот тим на Владата и премиерот Зоран Заев. Откако бројките покажаа пад на невработеноста и раст на Бруто домашниот производ, највисоките претставници на владата на прес-конференција соопштија денеска дека во првите три месеци од годинава стапката на раст на БДП изнесува 4,1 отсто.

 

„Задоволство ми е денеска да соопштам дека растот на бруто домашниот производ во првиот квартал изнесува 4,1 процент, што е највисокиот квартален износ во последните две години. Математички прецизно, има разлика. Разликата од пред две години е 4,1 процент. Очекуваме разликата да се зголемува зошто во вториот квартал стапката на раст на БДП во 2017 година беше минус 1,8 проценти. Со оваа разлика паѓаат во вода вчерашните небулози на ВМРО – ДПМНЕ дека нема напредок во економијата“, рече Заев.

Владата ги презентираше и бројките за падот на невработеноста која во првите три месеци од годинава е 17,8 проценти. Во однос на лани падот бележи 3,8 отсто. На крајот од 2018 година стапката на невработеност беше 19, 4 проценти. Според податоците на статистика, во првите три месеци од годинава невработени се 171.329 луѓе. Во однос на првите три месеци од ланската година споредбено со оваа, системот бележи 41 илјада плус вработени. Падот на невработеноста за вицепремиерот Кочо Анѓушев е поради економските политики на владата и растот на странски инвестиции.

„Од моментот кога оваа влада стапи во својата функција запослени се 49.522 вработени или стапката на незапосленост од 22,6 отсто во вториот квартал од 2017 година во првиот квартал од 2019 година е 17,8 проценти или апсолутен пад на невработеноста од 4,8 проценти или ќе повторам тоа се 49.522 вработени“, рече Анѓушев.

 

Заев одби да одговори колкав економски раст ќе забележи земјава на крајот од годината иако претходно најавуваше дека 2019 ќе биде економска година која би требало да донесе раст и до 4 проценти. Минатата година се заврши со раст на економијата од само 2,7 проценти.

Неколку недели подоцна ќе биде објавен и тендерот за изградба на фотоволтаици на приватни површини, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Првиот тендер за доделување државни локации за изградба на фотоволтаици ќе биде објавен во понеделник. Неколку недели подоцна ќе биде објавен и тендерот за изградба на фотоволтаици на приватни површини, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

На тендерот ќе се даваат површини на две локации. Едната е во Македонски Брод каде што ќе биде обезбедено производство од 10 мегавати, а другата е во Свети Николе каде што ќе се овозможат 25 мегавати. Или вкупно 35 мегавати фотоволтаични електрани.

Државата, како што информира Анѓушев, веќе ги обезбедила сите потребни административни постапки за изградба на фотоволтаиците и урбанизацијата на земјиштето. Парцелите се направени така да има за поголеми и помали сончеви централи, зависно од интересот на инвеститорите.

– Критериумите не се многу тешки, а ќе има негативно наддавање. Инвеститорот кој ќе даде најниска цена, односно најнизок премиум ќе може да гради фотоволтаици. Премиумот очекувам да биде што помал за да нема државата дополнителни трошоци во овој процес. Најдобро е да нема премиум. Инвеститорите кои ќе ги добијат локациите ќе треба да подготват елаборат и основен проект за да добијат градежна дозвола која треба да ја добијат на нивно име – рече Анѓушев.

Понатаму ќе бидат обезбедени државни земјишта за да се исполни планот од 200 мегавати во фотоволтаици.

Анѓушев информира дека за неколку недели ќе биде објавен и втор тендер за фотоволтаици на приватни површини, но како што рече, за овие површини ќе треба сите дозволи и уредувањето на површините да ги обезбедат самите инвеститори.

– Со ЕВН веќе е договорена цената на приклучок на мрежа кој ќе се движи меѓу 20.000 и 30.000 евра. Ќе биде номиниран и оф тејкер, откупувач на слободна енергија што им дава сигурност на идните инвеститори во фотоволтаици – рече Анѓушев.

Анка Јоанеску од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) рече дека сѐ е подготвено за објавување на тендерот, а земјава ќе биде прва во која најтранспарентно ќе се одвива процесот.

– Приватните инвестиори ќе можат да влезат во обновливите извори на енергија. Ова ќе биде транспарентен процес и ги повикувам сите заинтересирани да конкурираат на овој тендер – рече Јоанеску.

Тендерот ќе трае 60 дена, а отворањето на понудите ќе биде јавно.

Интересот за фотоволтаиците е голем, оти како што рече вицепремиерот Анѓушев, во нив не е инвестирано долго време.

Владата планира инвестиции од 200 мегавати во обновливи извори за енергија.

Страница 2 од 10