Ќе се гради најголемиот спортско – рекреативен центар „Езеро Треска“

Четврток, 17 Јануари 2019 14:05 Напишано од  Објавено во БИЗНИС

Македонската влада ја усвои информацијата за основање на туристичка развојна зона „Матка“ и му даде препорака на Град Скопје во рок од 30 дена да обезбеди постоечка документација за изградба на спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“ во општина Сарај.

Ваквиот владин потег за заживување на најголемиот центар за спорт и рекреација во Скопје доаѓа точно една година по усвојувањето на одлуката на Град Скопје за изработка на проект за ревитализација на „Езеро Треска“.

Од градскиот буџет за 2019 година се издвоени 3.000.000 денари за изготвување на неопходната документација, но за нивна изработка е потребно да се издвојат средства и од буџетот на општина Сарај.

Градот Скопје и општина Сарај одлучија заедно да соработуваат со цел спортско-рекреативниот центар Треска, еден од капиталните објекти на градот Скопје да се ревитализира и да му се врати некогашната функција – да биде сврталиште на скопјани.

За изготвување проект за ревитализација, Градот Скопје определи 7 милиони денари од кои 3 милиони ќе се потрошат оваа година, а во наредните две години и остатокот од предвидените средства. Оваа одлука глатко помина на минатонеделната седница на Советот на Град Скопје и за неа гласаа мнозинството советници.

– Финансиската состојба што ја наследив во Градот не дозволува за шест месеци да биде направен проект, па уште за шест да се реализира, туку мора побавно. Самиот факт дека скопјани ќе добијат едно пристојно катче да се рекреираат и да избегаат од жештините и загадувањето е доволен мотив за Градот да инвестира. Се надевам дека помалку од три години езерото Треска ќе стане бисер на Скопје што ќе им го оставиме на идните генерации – рече во образложението градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Езерото е забрането за капење веќе 20 години поради лошиот бактериолошки квалитет на водата и зголеменото присуство на алги. Со комплексот управува Општината Сарај. Паркинг службата наплаќа 50 денари за влез, а едно кафуле нуди ладни пијалоци. Меѓутоа, нема информации колку луѓе го користат автокампот.

Токму заради малиот број посетители, единствената зачувана убавина е дендропаркот составен од голем број дрвја и грмушки. Ова е едно од ретките места во Македонија каде има ваков хортикултурен диверзитет.

Езерото Треска се протега на површина од 136.000 м2, длабоко е од 1,6 до 3 метри и има капацитет од 10.000 капачи. Спортско-рекреативниот комплекс бил изграден во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје.

Неколку децении Треска функционирало како главно излетничко место за скопјани, особено во летните месеци. Околу брегот на езерото се наоѓале бунгалови, кафетерии, ресторани, базени, гардероби и тоалети, а работел и мал камп за приколки и трејлери.

На скопјани им се потребни повеќе места како Треска, за престој на отворено и рекреација. Треска чекаше доволно за обнова, време е да се рехабилитира и да се врати на граѓаните.