Народната Банка чува речиси 2.9 милијарди евра!

Четврток, 31 Јануари 2019 14:38 Напишано од  Објавено во ФИНАНСИИ

Народната Банка (НБРМ) чува 2 милијарди 867 милиони евра. Девизните резерви пораснале за 531 милион евра за една година.

Според последните податоци заклучно со 31.12.2018 НБРМ располагала со 2 милијарди и 615 милиони евра во хартии од вредност, 389 милиони во валути и депозити, 247 милиони во монетарно злато. Заедно со останатите помали позиции вкупната вредност на девизните резерви достигнува над 2.8 милијарди евра.

Најголем раст е остварен кај хартиите од вредност, ова пред се е резултат на поволните текови на меѓународните финансиски пазари кои изминатата година главно беа во позитива.

Во првата половина од минатата година резервите флуктуираа, но во втората половина имаа тенденција на континуиран раст.

НБРМ оценува дека девизните резерви се адекватни и се одржуваат во сигурната зона.

„Последните расположливи податоци за бруто девизните резерви за четвртото тримесечје на 2018 година упатуваат на квартален раст, наспроти умерениот пад очекуван со октомвриските проекции“ заклучува Советот на Народната Банка.

Девизните резерви освен во евра и американски долари се чуваат и во австралиски и канадски долари, како и во норвешки и шведски круни. Оваа практика стана поизразена пред неколку години откако се засили кризата во Евро зоната.

Инаку девизните резерви ја гарантираат вредноста на денарот. И стојат на располагање на Народната Банка за регулирање на нерамнотежите во платниот биланс и на девизниот пазар.

Гледано по години, во 2018-та девизните резерви пораснаа за 531 милион евра, во 2017-та се намалија за 277 милиони евра, а во 2016-та пораснаа за 351 милион евра.

За една деценија девизните резерви се речиси дуплирани, пораснале за 1.4 милијарди евра. На крајот на 2008-та биле нешто под 1.5 милијарди евра.