Економските аналитичари до 2020 година очекуваат пораст на инфлацијата, но и на БДП

Петок, 18 Јануари 2019 14:10 Напишано од  Објавено во ФИНАНСИИ

Постепено забрзување на инфлацијата и на економскиот пораст во 2019 и во 2020 година очекуваат економските аналитичари во најновата анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП на Народната банка.

„Така, за 2019 година очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе изнесува 1,8 отсто, а 2 отсто во 2020 година. Испитаниците ја објаснуваат нагорната патека на инфлацијата за наредните години со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, зголемената акциза на дизел-горивата, повисоките цени на енергијата, тутунот, како и очекуваниот пораст на цената на нафтата на светскиот пазар“, објаснуваат од Народната банка.

Во споредба со претходната анкета, очекувањата се променети во надолна насока (надолна ревизија за околу од 0,2 проценти поени и 0,1 проценти поени за 2019 и 2020 година).

Во поглед на економската активност, просечните очекувања за реалниот пораст на БДП изнесуваат 2,9 отсто и 3,3 отсто за 2019 и 2020 година.

„Ваквите очекувања испитаниците ги поврзуваат со повисоката економската активност остварена во вториот и третиот квартал на годината, олабавувањето на монетарната политика, политичката стабилност, зголемените изгледи за забрзана европска и евроатланска интеграција, зголемување на инвестициската и извозната активност, најавените капитални инвестиции од страна на државата, како и со пораст на личната потрошувачка поврзан со порастот на платите, кредитирањето и вработеноста“, велат од НБРМ.

Во однос на септемвриската анкета, испитаниците имаат очекувања за посилен пораст на економијата за 0,1 процентен поен за 2019 и 2020 година.