Бизнисот во фокус на 7. Самит на шефовите на Влади на 16+1

Петок, 06 Јули 2018 06:58 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

    

Бизнис делегација на највисоко ниво предводена од Данела Арсовска, Претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) традиционално учествува на 7. Самит и бизнис форум на шефовите на Влади на Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), кој официјално ќе се одржи на 7 јули.  Домаќин на 7. средба на шефовите на Влади на Кина и ЦИЕ е Република Бугарија, во организација на Министерството за економија на Бугарија, Бугарската агенција за промоција на мали и средни претпријатија (БСМЕПА) и Деловниот совет Кина – СЕЕС.

„Минатата година во Унгарија остваривме успех со потпишување на 7 договори за трговски партнерства меѓу Република Македонија и НР Кина. Традиционално како резултат на одличната соработка на Сојузот со НР Кина, очекуваме делегатите да отпочнат нови партнерства,  да осознаат за можностите за вклучување во проектите кои годинава ќе бидат во фокусот и се значајни за Иницијативата 16 + 1 и за целиот регион.  Интересот од страна на компаниите од сите сектори за учество на годинешниот самит е голем и веруваме дека ќе ги надминеме успесите од минатата година од самитот во Будимпешта“, изјави Арсовска во пресрет на Самитот и појасни дека Сојузот активно работи на зголемување на бизнис соработката со НР Кина, со посебен акцент на промовирање на кинескиот мега проект „Еден појас, еден пат" за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток.

Претседателот на ССК, е потписник на единствениот договор на балканот за економска соработка со Кина со што за македонските компании се отвори пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.Годинава, давајќи голема важност на процесот на зацврстување на соработката со Кина и СЕЕС согласно Иницијативата 16+1, Министерството за економија на Бугарија и БСМЕПА организираат Деловен форум во рамки на кој ќе биде ставен акцент на следните сектори: Високи технологии, инвестиции, индустриско партнерство, заедничко вложување,  инфраструктура (вклучувајќи и транспортна и патна инфраструктура, енергетика), земјоделство и туризам.

Бизнис делегација на Сојузот ќе има посебна презентација на проект за Кинеските инвеститори кои планираат влез на европскиот пазар. Соработката на Народна Република Кина со земјите од Источна и Централна Европа започна во Будимпешта, а продолжи на состаноците во Варшава во април 2012 година, Букурешт Романија (2013); Белград, Србија (2014); Суџоу, Кина (2015), Рига, Латвија (2016), Будимпешта, Унгарија (2017).

 Во 2017 и во 2016 година по однос на  вкупната надворешно-трговска размена, НР Кина е 7. трговски партнер на Република Македонија. Вкупната трговска размена минатата година според официјалните статистички податоци изнесувала, 506 милиони американски долари. При тоа, остварен е извоз во вредност од 62,2 милиони долари, а увоз од  444,0 милиони американски долари. Во 2016 година,  вкупната трговска размена изнесувала, 469 милиони американски долари, со остварен  извоз во вредност од 47,8 милиони долари, а увоз од  421,2 милиони американски долари.