Економски новинари од 16 турски медиуми во посета на Македонија

Вторник, 03 Јули 2018 06:38 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Економски новинари од 16 реномирани турски медиуми од 5 до 8 јули годинава ќе престојуваат во Македонија.

 

Како што информира Македонско-Турската комора (МАТТО) за МИА, целта е да се информираат за македонската економија и плановите за развој, а потоа, тоа да го споделат и турската јавност да ја запознаат со македонските инвестициски, економски, туристички и други потенцијали.

 

– Идејата е, исто така, новинарите да ја анимираат и деловната заедница на Турција за Македонија како економски партнер што ветува. Македонија со својата геостратегиска положба, евроатлантската перспектива и реформите кои значаат приближување кон ЕУ законодавството, има шанса да ги зголеми своите перформанси за турските инвстиции. Македонија за Турција може да биде регионален хаб (локација) или дел од него, во кој реално има интерес да се преселат производни индустрии наменети за ЕУ пазари, но и почва за современо земјоделско и сточарско производство, велат од МАТТО.

 

Според Комората, не треба да се забораваат ниту проектите со глобално значење како што е Патот на свилата, транспортните и енергетските коридори, и секако, блискиот балкански менталитет и културата, образованата и прилагодлива работна сила.

 

– Важно е Македонија да работи на себе, да има иницијатива и да ја артикулира, но и секогаш да има можност за партнерства, додаваат од МАТТО.

 

Иако поради политичката нестабилност турските инвестиции беа стопирани последниве две години, трговијата сепак, бележи благ раст – во првите шест месеци споредени со истиот период лани за 17,4 отсто и 30,5 проценти во однос на македонскиот извоз. Во 2017 година трговската рзмена беше 455,8 милиони долари што во однос на 2016-та е зголемување за 8,5 отсто.

 

– Нашите членки, турските инвеститори и македонските компани кои работат со турските партнери ја очекуваат  поддршката од двете влади во смисла на натамошна либерализација на трговијата и влегување во заеднички проекти од регионалното и ЕУ значење, потенцираат од МАТТО.