Парите на едно место: Ќе се спојат Фондот за иновации и Агенцијата за претприемништво

Вторник, 14 Мај 2019 14:04 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Статистичките податоци покажуваат дека 97 отсто од програмите што се реализираат во делот на иновациите и технолошкиот развој се реализираат преку Фондот, само три проценти се реализираат преку неколку други институции и би требало да се интегрираат за да биде и поефикасна поддршката и да се избегне удвојување на програмите

Агенцијата за поддршка на претприемништвото да се припои кон Фондот за иновации препорачува Студија на ЕУ побарана од Фондот. На овој начин се очекува да се заштеди во однос на вработените и поедностави работењето, а компаниите на едно место ќе имаат информација за финансиската помош од државата.

Препораките се однесуваат на самите програмите, како и на институционалниот дел.

– Нивните статистички податоци покажуваат дека 97 отсто од програмите што се реализираат во делот на иновациите и технолошкиот развој се реализираат преку Фондот, само три проценти се реализираат преку неколку други институции и би требало да се интегрираат за да биде и поефикасна поддршката и да се избегне удвојување на програмите – појасни директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

Конкретна препорака е функциите на Агенцијата за поддршка на претприемништвото треба да се интегрираат во рамки на Фондот за иновации, од причина што Агенцијата нуди техничка поддршка за компаниите што Фондот во моментов ја развива, што, според Деспотовски, значи нема оправданост да се вработуваат нови луѓе во Фондот, а такво нешто веќе постои во друга државна институција.

Освен Агенцијата, во рамки на студијата се разгледувани сите институции што даваат некаков тип финансиска поддршка кон економијата, како Македонска банка за поддршка на развојот, Агенцијата за странски инвестиции, Дирекцијата за технолошки и развојни зони. Но, тука, како што појасни директорот на Фондот, не се зборува за конкретно припојување, туку се разледувани како еден систем што треба да почне да функционира.