Склучени концесиите за рекреативен риболов на Стрежево, Козјак, Мантово, Паљурци, Мавровица и Глобочица

Петок, 28 Декември 2018 11:49 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска ги потпиша договорите за доделување концесија на рибите за организирање рекреативен риболов за шест акумулации: Стрежево, Козјак, Мантово, Паљурци, Мавровица и Глобочица.

Како што информира МЗШВ, договорите се дел од трите постапки за доделување риболовни концесии кои беа донесени со одлука на Влада. Со постапката беа опфатени 19 риболовни води (шест риболовни ревири и 13 рекреативни зони) од кои денеска се потпишаа шест договори.

-Владата годинава донесе одлуки за почнување три постапки за доделување концесија на рибите за организирање рекреативен риболов во кој беа опфатени 47 риболовни води од кои 28 за риболовни ревири (реки) и 19 рекреативни зони (акумулации). Од нив, во првата постапка беа опфатени 17 риболовни реки и три акумулации, за кои што во јуни годинава се склучија 14 договори. Со втората постапка се опфатени 19 риболовни води, од кои денеска се потпишаа шест договори за акумулации.
Третата и последна постапка е во тек и со неа се опфатени 10 риболовни води. Во оваа постапка покрај доделувањето концесија за организирање рекреативен риболов на пет риболовни ревири и три рекреативни зони, почната е и постапка за доделување концесија за вршење стопански риболов на двете риболовни подрачја Охридско Езеро и Дојранско Езеро, за што до крајот на јануари следната година се очекува да склучат договорите, наведува МЗШВ.

Јавното отворање на понудите од третата постапка беше на 24 декември 2018. По евалуацијата на понудите ќе се поканат сите понудувачи кои имаат доставено комплетни и прифатливи понуди да учествуваат на електронска аукција. Критериумот за избор и на оваа постапка како и не предходните две е највисокиот понуден концесиски надоместок.

-По завршувањето на оваа постапка, следната година се предвидува почнување нова постапка со која ќе се опфатат сите риболовни води за кои во постапките од 2018 година немаше заинтересирани понудувачи или немаше доставено прифатливи понуди. Владата ќе се заземе за што побрзо реализирање на оваа активност во 2019 година со што на големиот број рекреативни риболовци ќе им се овозможи непречено да излезат на риболовните води, а на концесионерите преку заштита и порибување на водите да ја остварат и целта на концесијата – трајно користење на рибите преку одржлив развој, односно нивна заштита, зачувување на загрозените видови, како и видосвата разновидност, старосна структура и бројност, стои во соопштението од Министерството.

Согласно Законот за рибарство и аквакултура рибите од риболовните води за организирање рекреативен риболов се доделуваат на користење по пат на концесија за период од шест години. Основна цел на доделување на концесијата на рибите е создавање услови за организирање рекреативен риболов, односно овозможување на вршење заштита и користење на рибите преку планско експлоатирање на одржлив начин.