Наскоро „зелена нафта“ – тендерот го доби „Макпетрол“

Вторник, 09 Јули 2019 14:00 Напишано од  Објавено во КОМПАНИИ

„Макпетрол“ ќе точи „зелена нафта“. Мерката за поддршка на земјоделците која доцни речиси две години конечно треба да почне да се спроведува од наредниот месец.

„Макпетрол“ ќе точи „зелена нафта“

„Макпетрол“ е компанијата која ќе точи зелена нафта. Нивната понуда била избрана како најповолна на тендерот што го распиша Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството (АФПЗРР).

„Седум економски оператори подигнаа тендерска документација а беше доставена само една понуда за набавка на дизел гориво за земјоделска механизација. Отворањето на понудите беше на 12 јуни“, велат од Агенцијата.

Тендерот беше во вредност од 200 милиони денари односно 3.2 милиони евра.

„До крајот на овој месец земјоделците ќе ги добијат првите картички за користење зелена нафта“, најави директорот на АФПЗРР, Никола Бабовски.

Компанијата која го доби тендерот има рок од 60 дена да ги изработи сите платежни картички кои ќе бидат персонализирани, а земјоделците ќе можат да купуваат исклучиво Еуродизел. Картичките ќе се доставуваат на земјоделците преку подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Мерката доцни речиси две години

Владата најавуваше дека зелената нафта ќе биде еден од првите мерки кои ќе се спроведе за поддршка на земјоделството. И по две години власт проектот се уште не е започнат.

„Изгубивме шест месеци во формирање на Владата, уште шест месеци за законските измени во Законот за земјоделство и рурален развој кои се однесуваа токму за зелената нафта беа заглавени во Собрание од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Откако тоа се заврши, се направи екипа која направи методологија по која ќе се субвениционира оваа зелена нафта“, објаснува Бабовски.

Помала субвенција од ветенето

Сепак, и субвенцијата е помала од онаа што беше првично ветена.

„Ќе ја субвенционираме нафтата за земјоделската механизација. Ова ќе го овозможиме преку намалување на акцизната давачка нафта за земјоделска механизација за 50%“ стои во предизборната програма на СДСМ, „План за живот“.

Сега поддршката е утврдена на 30% со можност во следниот период да биде зголемена на 50%.

Количината на субвенционирана нафта ќе зависи од големината на земјоделските стопанства со што според надлежните ќе се спречат можни злоупотреби. Со мерката ќе бидат опфатени 55 илјади земјоделски стопанства.

Акцизата беше зголемена за 3.5 денари

Додека земјоделците ја чекаат зелената нафта акцизата за дизел горивото кое и се користи за механизацијата беше зголемена за вкупно 3.5 денари уште пред година и пол. Ова сериозно влијаеше на трошоците за производство.

Земјоделците во повеќе наврати бараа одлуката да се преиспита а зелената нафта да се воведе што поскоро за да се амортизира ударот од поскапувањето.

„Механизацијата троши огромни количини гориво, не е тоа кола па да троши шест литри. Тоа сериозна сума на пари“ вели земјоделец од Пелагонија. „Горивото е една од носечките инвестиции за секој земјоделец. Апсолутно се зголемија трошоците преку зголемувањето на цената на нафтата: за заштита на растенијата, за орањето, за сите земјоделски активности“ објаснува тој.