УТРИНСКИ ФОКУС: Колку дивиденда ќе подели „Витаминка“ - конфликт во ЕУ

Вторник, 18 Јуни 2019 11:41 Напишано од  Објавено во КОМПАНИИ

Иако е 2 отсто во однос на пазарната цена на акцијата на „Витаминка“, износот на бруто дивиденда што ќе се дели за ланското работење во споредба со 2017 година е повисок за 25 отсто!

Најголемата македонска кондиторска индустрија ќе дели дивиденда на своите акционери, пишува во предлог одлуката за која гласаа на 11 јуни акционерите на годишното собрание. Бруто износот на дивиденда за секоја акција е 217 денари. Дивиденда за лани е за 25 отсто повисока во споредба со бруто дивидендата поделена за работењето во 2017 година. Воедно ова е втора година во низа „Витаминка“ да дели дивиденда на своите акционери.

Според предлогот за кој гласаат акционерите нето дивидендата за лани е 184,2 денари односно 3 евра за секоја акција со право на глас (со исклучок на акциите кои се во сопствен откуп н.з.). Според последната пазарна цена на таа акција која изнесува 10.700 денари приносот е околу 1,7 отсто по основ на исплата на дивиденда. Право на дивиденда добиваат сите иматели на акции кои во базата на ЦДХВ се регистрирани како акционери на 25 јуни година, а последен ден за тргување со право на дивиденда е 21 јуни годинава.

Добивката за 2018 година на „Витаминка“ изнесува 841.000 евра. Од нив акционерите распределија 507.000 евра за нови вложувања во компанијата, 267.000 евра за распределба на дивиденда и уште 67.000 евра за распределба на награди на менаџерскиот тим и на раководниот кадар на компанијата. 

„Витаминка“ е доминантно поседувана компанија од домашни акционери и тоа физички лица. Според официјални податоци од ЦДХВ 216 акционери поседуваат над 90 отсто од акциите со право на глас. Уште 13 домашни правни лица контролираат 8 отсто од акциите. Најголем поединечен акционер е Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор и тој контролира 29,5 отсто од акциите со право на глас. Неговиот син Сашо Наумоски, е генерален извршен директор, и сопственик на 7 отсто од акциите што го прави втор најголем акционер. Други покрупни акционери се Кирил Божиноски и Стеван Игнатоски со по 6 отсто од управувачките права, Марика Наумоска има 5,2 отсто од акциите и Наташа Стојковска поседува 5,12 отсто од управувачките права.