Лабораторијата на ОКТА со меѓународен сертификат за врвен квалитет за анализа на горива

Вторник, 22 Јануари 2019 14:29 Напишано од  Објавено во КОМПАНИИ

Лабораторијата на ОКТА доби меѓународен сертификат кој претставува потврда за високото ниво на квалитет и прецизност со кое се вршат испитувањата на нафтените деривати. Со сертификатот, кој го доделува реномираниот и глобално ценет Институт за интерлабораториски студии од Холандија, испитувањата и перформансите на лабораторијата на ОКТА се оценети со највисока оцена.

Предмет на анализата преку која е утврден квалитетот и е дадена оценката беше млазното горивото Jet Fuel A1 при што се анализирани 15 параметри на горивото и сите предадени резултати беа оценети како точни и прецизни. Лабораторијата на ОКТА очекува уште едно вакво признание и за дериватот бензин каде беа анализирани 14 параметри. Сертификат со одлична оцена, лабораторијата доби и во 2017 година кога беа анализирани параметри на примероци од дизел гориво.

Лабораторијата, во која се врши редовна контрола на квалитетот на горивата, е опремена со најсовремени апарати и применува 50 меѓународно акредитирани методи. Почнувајќи од 2006 година кога е добиен првиот сертификат за акредитација од Институтот за акредитација на Република Македонија, лабораторијата функционира независно и врши анализи за голем број институции и компании од државата и од странство.

Како резултат на високите перформанси на лабораторијата и капацитетите за правење детални анализи, компанијата ОКТА веќе четврта година во континуитет ја спроведува Програма Гаранција. Станува збор за првата сеопфатна програма за контрола на квалитетот и количината на горивата која се прави со мобилна екипа на терен и со анализи во лабораторијата, со чија помош се потврдува квалитетот на горивата на сите бензински станици со брендот ОКТА.