На 13 август 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Според оцените на Комитетот, монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 2,25%. Истовремено беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 14 август 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

На седницата беа разгледани најновите остварувања во домашната економија во контекст на најновите макроекономски проекции. Според Комитетот, економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната позиција во платниот биланс, контекст кој придонесува за континуирани интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2019 година главно упатуваат на натамошен раст на економијата, но веројатно поумерен во споредба со првото тримесечје.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите седум месеци од годинава изнесува 1,2%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега се оценуваат како урамнотежени.

Пораст на приходите од провизии и надоместоци откриваат финансиските извештаи на повеќето македонски банки за работењето во првото полугодие од годинава во услови на историски најниски каматни стапки и намалување на приходите од камати.

Дваесет или 30 денари за одржување на картични и трансакциски сметки, различни надоместоци за платен промет, еднократни казни за доцнења при уплата на картици… Најновите биланси на банките покажуваат дека тие инкасираат милиони евра преку овие и други надоместоци и дека нивните приходи по овој основ континуирано се зголемуваат.

Според извештајот објавен преку Македонската берза, приходите од провизии и надоместоци на Комрцијална банка во првите шест месеци од годинава изнесуваат 468,1 милиони денари (околу 7,6 милиони евра) и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 13,9 отсто.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги на ТТК Банка во истиот период изнесуваат 65,6 милиони денари или околу милион евра и бележат пораст од 8,6% во однос на истиот период минатата година.

„Најголем придонес во структурата на оваа позиција имаат приходите од провизии коишто потекнуваат од платниот промет во земјата како од секторот население така и од секторот стопанство како и од приходите од провизии од секторот кредитирање“, информираат од банката.

НЛБ Банка соопши дека приходите од провизии се зголемени за 4,5 отсто како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, платен промет во земјата и странство, електронско банкарство, кеш центар, продажба на полиси и договори за пензиско осигурување.

Анализата на податоците за работењето на банките покажува дека зголемувањето на приходите од провизии е тренд кој трае уште од минатата година. Имено, во 2018 година, банкарскиот систем оствари добивка од работењето во износ од 8,4 милијарди денари, која што во споредба со претходната година, е повисока за 27,4%, или за 1,8 милијарди денари.

Меѓудругото, за пораст на добивката придонесе подобрената оперативна ефикасност при забележано намалување на оперативните трошоци, како и растот на нето-приходите од провизии.

„Нето каматниот приход, како носечка компонента на вкупните приходи на банките, во 2018 година забележа намалување на годишна основа и за првпат по 2010 година имаше негативен придонес кон годишниот пораст на добивката на банкарскиот сектор“ укажуваат од Народната банка во извештајот за ризиците во банкарскиот сектор.

Оттаму објаснуваат дека нето-приходите од провизии се важна приходна ставка поврзана со редовните банкарски активности, којашто во последните пет години зафаќа околу 19 отсто, во просек, од вкупните редовни приходи.

„Анализата на структурата на нето-приходите од провизии покажува дека банките остваруваат најмногу приходи врз основа на провизии и надоместоци од вршење на платен промет во земјата, коишто објаснуваат 37,1 отсто од вкупните нето приходи од провизии и имаат најголем придонес за нивниот раст во 2018 година (од 37,2 отсто). Следни по значење се провизиите од картичното работење и од вршење платен промет со странство коишто придонесуваат со 24,2 отсто и 13 отсто, соодветно, за годишниот раст на вкупните нето-приходи од провизии. Приходите од пософистицирани, инвестициски активности, како што е управувањето со средства, имаат маргинално значење за приходите на домашните банки“, информираат од Народната банка.

Македонските граѓани нема начин да се заштитат од воведувањето нови провизии и од зголемување на надоместоците освен со добро информирање и избор на најсоодветна банка бидејќи регулативата остава банките самоволно да ги одредуваат трошоците за нивните услуги.

Народната банка објави нова информативно-едукативна публикација со низа информации за работењето на институцијата и за нејзините основни цели и задачи. Во публикацијата „Запознајте ја Народната бакна на Република Северна Македонија“ има и објаснување за тоа по што се разликува централната банка од другите институции.

„Народната банка на Република Северна Македонија е централна банка во нашата земја. Народната банка е независна при постигнувањето на целите и задачите коишто се утврдени со Законот за Народната банка“, се вели во публикацијата, која може да се преземе на следниот линк.

Компанијата ги објави финансиските резултати за првите шест месеци од оваа година.

Во периодот јануари-јуни 2019 година „ОИЛКО КДА Скопје“ оствари вкупни приходи во висина од 196,9 милиони денари и кај истите има 10,6% зголемување споредбено со истиот период од 2018 година.

Во структурата на вкупните остварени приходи најголемо учество, 63,82% имаат приходите од домашен транспорт на деривати кои во споредба со остварените во истиот период во 2018 година бележат пораст од 17,39%.

Во периодот јануари-јуни 2019 година компанијата оствари вкупни расходи во висина од 182,6 милиони денари и кај истите има 5,7% зголемување споредбено со истиот период од 2018 година. Во структурата на вкупните остварени расходи најголемо учество, 29,87% имаат расходите за бруто плата кои во споредба со остварените во истиот период во 2018 година бележат пораст од 14,22%.

Првите резултати од големиот инвестициски циклус во „Витаминка“ се видливи. Компанијата во острата конкуренција значајно ги подобрува своите позиции и ги зголеми приходите од продажба и дома и во странство. За шест месеци од продажба инкасира 20 отсто повеќе од истиот период лани. Многу благи вести за акционерите од најголемата домашна кондиторска индустрија иако во споредба со лани добивка е пониска за 84 отсто

Најголемата македонска прехранбено-кондиторска индустрија „Витаминка“ ги зголеми приходите од продажба за 20 отсто во првото полугодие годинава во споредба со истиот период лани. Прилепска „Витаминка“ имаше извонредно полугодие. Компанијата успеа да ги зголеми вкупните приходи до износ од 18,5 милиони евра. Од нив 18,2 милиони евра се приходи од продажба, а од тие 10,7 милиони евра се приходи од продажба на домашен пазар. Извозот изнесува 7,5 милиони евра. Акционерите на „Витаминка“ имаат здрави причини за оптимизам. Домашната продажба порасна за 17 отсто во однос на истиот период лани, а извозот е зголемен за 22 отсто

Во овој период иако заради залихите оперативната добивка е намалена, „Витаминка“ успеа  да ја намали и кредитната изложеност за 2,12 милиони евра, а едновремено реализираше инвестиции во вредност од 2,5 милиони евра..

Залихите на компанијата на крајот на јуни се за 784.500 евра пониски од залихите на почетокот на годината. Зголемената продажба логично повлекла раст на расходите кои на крајот на јуни изнесуваат 17,4 милиони евра. Трошокот за суровини и други материјали е 10,9 милиони евра и во споредба со истиот период лани е зголемен за 15 отсто. Трошокот за вработените достигна 3 милиони евра и тоа во услови кога нема нови вработувања што укажува на тоа дека „Витаминка“ ги наградува или ги зголемува платите на својот персонал. Оперативната добивка за првото полугодие е 313.000 евра и е пониска за 66 отсто во однос на истиот период лани. Значаен раст компанијата во овој период имала за финаниски расходи и тие се 226.000 евра што е за 70 отсто повеќе од мината година.

Нето добивката е 122.600 евра и е за 84 отсто пониска од лани.

Од билансот на состојба се гледа дека „Витаминка“ ги намалила обврските за 11 отсто односно за 2,6 милиони евра.  Обврските по долгорочни кредити се пониски за 2,12 милиони евра. Вредноста на недвижностите и на постројките и опремата е зголемена за околу 7 милиони евра. 

На крајот на првиот квартал од 2019 година јавниот долг достигнал 85,9 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) кај 19-те земји-членки на еврозоната. Истиот тој се зголемил во споредба со четвртиот квартал од 2018 година, кога долгот изнесувал 85,1 од БДП. Од друга страна, во ЕУ-28, долгот се зголеми од 80 на 80,7 отсто. Сепак, во споредба со првиот квартал од 2018 година, јавниот долг е помал и во двете групи. Во еврозоната од 87,1 отсто од БДП е симнат на 85,9 проценти. Додека, пак, во ЕУ-28 долгот од 81,6 се намалил на 80,7 отсто од БДП.

На крајот на првиот квартал од 2019 година, долгот од хартиите од вредност на 19-те земји-членки на еврозоната изнесуваа 81,1 отсто, додека, пак, во долгот на ЕУ-28 е 81,9 процент. Заемите сочинуваа 15,8 отсто и 13,9 проценти од долгот на ЕУ 19 и ЕУ-28. Додека, пак, девизите и депозитите опфаќаа 3,1 и 4,2 отсто од јавниот долг во еврозоната и во ЕУ-28. Поради вклучување на владите на земјите-членки на ЕУ во финансиска помош на одредени земји-членки, беа објавени и квартални податоци за меѓувладините заеми (ИГЛ). Уделот на ИГЛ во БДП на крајот на првиот квартал од 2019 година изнесува 2 во еврозоната и до 1,5 отсто во ЕУ-28.

Највисоките стапки на јавен долг од БДП на крајот на првиот квартал од 2019 година биле регистрирани во Грција (181,9 процент), потоа Италија (134 проценти), Португалија (123 проценти), Белгија (105,1 проценти) и Кипар (105 проценти). Додека, пак, најниската задолженост е забележана во Естонија (8,1 проценти), Бугарија (21,2 процент) и во Луксембург (21,3 процент).

Во споредба со четвртиот квартал од 2018 година, дванаесет земји-членки забележаа зголемување на нивниот долг на крајот на првиот квартал од 2019 година, додека 13 земји регистрираа намалување. Задолжувањето останало исто само во Германија, Литванија и Словачка. Најголем пораст на долгот имало во Белгија, Кипар, Ирска и во Италија. Додека, пак, најголемо намалување во Шведска, Словенија, Холандија, Обединетото Кралство и во Бугарија. Споредено, пак, со првиот квартал од 2018 година, пет земји-членки имаат пораст на нивниот долг во однос на БДП на крајот на првиот квартал од 2019 година, додека пак 21 земја има намалување, а Шпанија и Обединетото Кралство немаат промена. Притоа, најголемо зголемување има во Кипар, Грција, Летонија, Италија и во Франција, додека најголемо намалување е забележано во Словенија, Австрија и во Холандија.

Во Македонија состојбата со задолжувањата на државата ја објавува Министерството за финансии на секои три месеци. За првото тримесечје, како што објави Министерството, државниот долг изнесуваше 38,3 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), додека јавниот долг изнесува 46,2 проценти од БДП.
Споредено со крајот од 2018 година, во првиот квартал од 2019 година државниот долг е понизок за 2,2 процентни поени, додека јавниот долг е понизок за 2,3 процентни поени.

Технолошки високо развиената компанија за производство на прецизни делови за автомобилската индустрија Костал, со втората инвестициска фаза која беше презентирана денеска, значително ќе го зголеми производството во својата фабрика во Охрид, а бројот на вработени од сегашните 400 ќе се зголеми на над 1000.

Новата браунфилд инвестиција во Охрид, денеска ја посети вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во придружба на градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. Вицепремиерот истакна дека Костал има сериозен импакт на развојот на Охрид и охридско, како во вработувањата, така и во зголемување на бруто домашниот производ грнерално во државата.

Најдоцна до октомври ќе биде објавен ребалансот на буџетот за годинава. Заменик-министерката за финансии Шерет Елези вели дека службите во министерството веќе работат на анализа која треба да ја покаже реализацијата на тековните и капиталните проекти од државната каса. Елези конкретно не одговори на прашањето, кој е надлежен за ребалансот таа или премиерот Зоран Заев кој се прогласи за надлежен во финансии сè додека не биде назначен нов министер.

„Знаете дека министерот за финансии е помеѓу најсилните институции во државата и министерството за финансии ги следи политиките што ги зацртува владата. Имаме ние агенда на владата на Северна Македонија и врз основа на тоа ние го следиме тоа во координација нормално со премиерот којшто е надлежен за реализација и активности на сите стратешки документи, проекти и програми на владата“, рече Ширет Елези, заменик министерка за финансии.

Елези не откри дали во брзо време ќе добие нов шеф кој ќе раководи со министерството. Вели дека тоа е политичка одлука и не препрати одговорот на прашањето да го добиеме од тој кој што одлучува кој ќе седне на министерското место. Инаку, ланското прекројување на државната каса ќе биде запаметено по тоа што околу 50 милиони евра пари кои останаа непотрошени за реализација на капитални проекти завршија за отплата на долговите на општините.

И оваа година официјалните податоци на финансии велат дека се повторува катастрофалната реализација на капиталните проекти. На половина измината година, тие се на ниво на реализација од само 20-тина отсто.

Компаниите од денеска може да поднесуваат барање за поддршка преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите по новите изменети услови, кои според Владата се олеснети и можат да ги користат над 4.000 фирми.

Измените се донесени, а правилниците во Министерството за економија се потпишани минатата недела и објавени во Службен весник, со што почнува можноста фирмите да аплицираат за средствата кои се во износ од 75 милиони евра.

Од Владата велат дека измените се во насока на поголема поддршка на индустријата и економијата, а се опфаќаат фирми што не беа опфатени првично со Законот. Со нив барање за финансиска поддршка може да поднесат компании од ИТ секторот, компании од преработувачката индустрија што не се опфатени со ИПАРД, а сакаат да направат индустриско производство. За финансиска поддршка може да поднесе барање и компании од секторот трговија, но за да направи производствена дејност, како и од градежниот сектор, но не за изградба на станови, туку за делот на производната активност.

Критериумите се оценуваат како транспарентни, јасни и без договарње, однапред познати и овозможуваат повеќе компании да аплицираат.

Според податоците од Централниот регистар над 4.000 компании ги исполнуваат новите критериуми, но средства ќе добијат оние што инвестираат. Никој нема да добие средства за нешто што во иднина ќе инвестира, туку само врз основа на веќе реализирана инвестиција.

Со измените на компаниите им е оставена можност да флуктуира бројот на вработени до пет отсто, што произлегува од тоа што некои компании го губат стучниот кадар и не можат да најдат нов, како и поради купување нова технологија што е автоматизирана.

Барањата за финансиска поддршка компаниите што работат надвор од зоните може да ги поднесат до Агенцијата за странски инвестиции, а тие од зоните во ТИРЗ.

Изменетите критериуми може да ги користат и компании што веќе имаат потпишано договори за финансиска поддршка со анексирање.

Викендов, центарот на забавата и добрата музика беше Дојран и 9-тиот по ред Д-Фестивал, а за тоа сведочат илјадниците посетители кои уживаа во одличната програма на Фестивалот.

Оваа година, од ексклузивното партнерство помеѓу Тиго Фајнанс и Пасворд Продакшн произлезе и една нова, дополнителна активност која го привлече вниманието на посетителите во текот на трите фестивалски дена. Активноста наречена Tigo Challenge Zone им овозможи на посетителите место за опуштање и релаксација, но и одлична можност за исполнување на убавите попладневни часови со врвна забава, брзи игри, уникатни изненадувања и сè тоа во духот на одлична, фестивалска дружба и нови моменти за паметење.

Погледнете во продолжение како изгледаше дружбата во Tigo Challenge Zone, а целосната галерија се наоѓа на нивната Facebook фан страна, или на линкот: https://bit.ly/2YWg8WK

Тиго и Пасворд го продолжуваат своето партнерство со претстојните Green Beach фестивал, Таксират и SkopjeBeer Fest, а нивната креативна соработка ветува уште многу изненадувања.

Потрошувачки кредит со најповолни услови на пазарот нуди Комерцијална банка АД Скопје. Слушнавте ли за нашите нови каматни стапки?

- Фиксна каматна стапка во првите две години од 4,9% годишно и променлива од 5,9% годишно за остатокот од периодот на отплата. Потрошувачкиот кредит е до 30.000 евра со ЕУР клаузула и се нуди со рок на на отплата до 120 месеци доколку се аплицира до 30.09.2019 година. Кредитот е наменет за вработени во редовен работен однос на неопределено време и вработени на определено време со непрекинат стаж од најмалку 12 месеци во конкретната фирма.

Барателите кои уредно ги измируваат своите кредитни обврски и имаат кредитна способност, можат да извршат рефинансирање на повеќе обврски преку овој атрактивен кредит на Комерцијална банка АД Скопје.

Страница 1 од 10